Утрински Весник
Македонија

Кога ПР-от е поважен од фактите: ЦУК со фотографија од Калифорнија се пофали за спасено теле

784327176 122202001370803841 1447810937418523976 n.jpg

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, денеска објави дека пожарникарите спасиле мало теле за време на борбата со големиот пожар над селото Палиград на планината Китка. Приказната требаше да прикаже еден позитивен момент среде огнената стихија, но набргу се појави сериозен проблем – фотографијата објавена со информацијата воопшто не е направена на Китка.

Фотографијата потекнува од Калифорнија и е стара шест години.

Станува збор за фотографија објавена во американскиот медиум „Successful Farming“ уште на 9 септември 2020 година, во приказна за теле кое преживеало голем пожар во Калифорнија. Авторството на фотографиите во оригиналната сторија ѝ е припишано на Саманта Каскарини.

Според оригиналната приказна, телето било пронајдено на ранч во близина на Милпитас, Калифорнија, откако пожар зафатил област во која имало стотици говеда. Новороденото животно било пронајдено на влажно парче трева среде изгорениот терен и било пренесено на безбедно.

Шест години подоцна, фотографијата се појави во објавата поврзана со пожарот на Китка во Македонија.

Директорот на ЦУК претходно соопшти дека пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје при интервенцијата над Палиград успеале да спасат мало теле кое останало на опожарениот терен.

По реакциите за потеклото на фотографијата, Али се извини за забуната и посочи дека фотографијата била употребена само како илустрација, додека тврди дека настанот со спасувањето на телето навистина се случил.

Оттука, фактот дека фотографијата е од Калифорнија не докажува дека пожарникарите не спасиле теле на Китка, но отвора прашање зошто раководител на државна институција употребил фотографија од сосема друг настан без јасно да наведе дека станува збор за илустрација.

Можете да прочитате

Комбе се запали во Кисела Вода

Ангелов: Најкомплексен за гасење е пожарот којшто сега гори на планината Китка, во моментов пет активни пожари

Клековски: Досега потврдени вкупно 44 случаи на западнонилска треска, отпуштени од Клиниката 21 пациент