
Носителката на листата за Совет на Град Скопје, Ана Карајанова-Димитрушева, кандидатката за советник во Град Скопје, проф. д-р Ана Угринска, носителот на листата за советници во Општина Центар, проф. д-р Антони Новотни, носителот на листата за советници во Општина Карпош, Александар Анѓушев, и кандидатката за советник во Карпош, Љубица Шопова, денес во Градскиот парк во Скопје ја споделија со граѓаните својата визија за зелен, достоен и инклузивен град – град кој не е за преживување, туку за живеење.
„Скопје мора да стане град без бариери, не од милост, туку од системско функционирање. Пристапни тротоари и автобуси, услуги што ги опфаќаат сите. На инклузијата не треба да се гледа како на трошок, туку како мерка за достоинството на градот,” порача Ана Карајанова-Димитрушева, носителка на листата за Град Скопје.
„Етичката политика значи хуман град каде што јавниот интерес е над личниот профит. Време е Советот на градот да работи со интегритет и знаење,” изјави проф. д-р Ана Угринска.
„Нашата визија за Центар е јасна, а тоа е транспарентност за секој потрошен денар и нула толеранција кон корупција. Центар треба да биде пример за чесна и зелена општина,” нагласи проф. д-р Антони Новотни.
„Во Карпош сакаме да воведеме ред и ефикасност, урбан развој што ќе го стави човекот пред бетон. На Карпош потребен му е Совет што ќе одлучува според податоци, јасни рокови и јавен интерес, а не според импровизации и привилегии,” изјави Александар Анѓушев, носител на листата за Карпош.
„Културата и јавниот простор се дел од инфраструктурата на градот. Кога уметноста и зеленилото се враќаат меѓу луѓето, тогаш Скопје повторно добива пулс,” додаде Љубица Шопова, кандидатка за советник во Општина Карпош.
Од страна на Коалицијата за зелена иднина на граѓаните во градскиот парк во Скопје им беше порачано дека борбата за праведен, еколошки и инклузивен град е борба за достоинство, а не за власт. Скопје и неговите општини заслужуваат Совети кои ќе водат грижа за заедницата, а не за нечиј тесни интереси. Изборот на бројот 8 на 19-ти октомври значи избор на чесност и знаење.