Утрински Весник
Македонија

Кој ги кочи предметите? Тасева и Салаи со сериозни обвинувања

Img 0913.jpeg

Поранешните членови на Државната комисија за спречување корупција, Слаѓана Тасева и Шемши Салаи, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ ја отворија клучната дилема – зошто големите корупциски афери ретко добиваат судска разрешница.

Тие појаснија дека јавноста често има погрешни очекувања од ДКСК, мислејќи дека Комисијата има истражни овластувања и може да „апси“. Во реалноста, нејзината улога е претежно превентивна и аналитичка, без надлежности какви што имаат полицијата и обвинителството.


Како што беше објаснето, процесот започнува со прибирање на информации и документација, врз основа на кои Комисијата утврдува постоење на коруптивно дејство. Потоа, предметот се проследува како иницијатива до Јавното обвинителство, кое треба да ја продолжи постапката.

Но, токму тука, според Салаи, се појавува најголемиот проблем. Многу од иницијативите, наместо да резултираат со истраги и обвиненија, завршуваат во фиоките на обвинителството, со образложенија дека „нема доволно наоди“ или поради процедурални пречки.

Како фрапантен пример беше посочен случајот „Трансмет“, каде наместо околу 12 милиони евра да се вратат во државниот буџет, имотот кој требало да биде конфискуван бил искористен како гаранција за одбрана од слобода. Според Салаи, постоело и внатрешно протекување на информации, што овозможило имотот навреме да биде отуѓен или заложен, пред државата да реагира.

Гостите заклучија дека без ефикасна координација меѓу институциите и вистинска политичка волја, борбата против корупцијата ќе остане заглавена меѓу констатации и неостварени постапки.

Можете да прочитате

Салаи: Без политичка волја нема борба против корупција

Театар Штип со бесплатна изведба го одбележува 27 март – Светскиот ден на театарот 

Тасева: Живееме во „заробена држава“ – институциите се во служба на елитите