
Израелскиот парламент – Кнесетот денеска усвои два закона, во прелиминарно читање, за проширување на суверенитетот на окупираниот Западен Брег.
Првиот предлог-закон, предложен од лидерот на националистичката партија Авигдор Либерман, чија цел е проширување на израелскиот суверенитет на населбата Маале Адумим, источно од Ерусалим, беше усвоен во прелиминарното читање, со 32 пратеници „за“ и девет „против“.
Вториот закон го предложи пратеникот од крајната десница Ави Маоз и подразбира проширување на израелскиот суверенитет на целиот Западен Брег, а беше усвоен со 25 пратеници „за“ и 24 „против“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според извештаите на медиумите, им наредил на членовите на неговата партија Ликуд да се воздржат од гласање.
Во соопштението, оваа партија го окарактеризира гласањето во Кнесетот како провокација од страна на опозицијата „со цел да се нарушат нашите односи со САД и големите достигнувања на Израел“ во војната во Појасот Газа, која трае од 2023 година.
„Вистинскиот суверенитет не се постигнува со симболичен закон, туку со ефикасна работа на терен и со создавање политички услови што го фаворизираат признавањето на нашиот суверенитет, како што беше направено на Голанската Висорамнина и во Ерусалим“, се додава во текстот.
Во август, Израел одобри проект за изградба на 3.400 станбени единици на Западниот Брег, што беше осудено од Обединетите нации (ОН) и неколку странски лидери.
Според критичарите, проектот, наречен Е1, би го пресекол Западниот Брег на два дела и би спречил создавање на евентуална палестинска држава.
Надвор од Источен Ерусалим, што Израел го окупира и анектира, на Западниот Брег живеат околу три милиони Палестинци, заедно со околу 500.000 Израелци, кои живеат во населби што ОН ги смета за нелегални според меѓународното право.
Колонизацијата на Западниот Брег, кој граничи со Јордан, продолжува под секоја израелска влада од 1967 година, додека во последните месеци, неколку министри отворено повикаа на негова целосна анексија.
Јорданското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека остро ги осудува гласањата во Кнесетот и ги опиша како „флагрантно кршење на меѓународното право и сериозен напад врз решението за две држави“.
Палестинското Министерство за надворешни работи, чие седиште е во Рамала, исто така, го осуди гласањето и рече дека „остро ги отфрла обидите на Кнесетот да анектира палестинска земја“.
„Министерството нагласи дека окупираните палестински територии на Западниот Брег, вклучувајќи ги Ерусалим и Појасот Газа, претставуваат единствена географска единица над која Израел нема суверенитет“, објави палестинската новинска агенција Вафа.