Инспириран од јавните настапи на мојот драг пријател Арбен Таравари, кој во времето кога бев министер за здравство изразуваше загриженост за мојата работа во ресорот здравство, сакам само накратко да видиме каква е состојбата денес во овој ресор, пишува на социјалните мрежи ексминистерот за здравство Беким Сали.
Понатаму тој прави споредба на периодот кога бил министер, односно од јануари 2022 до февруари 2023 година, и состојбите во здравството денес, коментирајќи дека е време Министерството за здравство да преземе одговорност и да ги слушне потребите на граѓаните.
„Најпрво му посакувам успех во новата задача што си ја даде себеси, посредник кој ќе ги помири Еди Рама и Албин Курти. Нејсе…
Како поранешен министер за здравство на Северна Македонија, имам длабоко чувство на одговорност кон благосостојбата на граѓаните на нашата земја и унапредувањето на нашиот здравствен систем. Во времето на мојот мандат, за прв пат успешно го обезбедивме револуционерниот лек Трикафта на пациентите со цистична фиброза, давајќи им приоритет на здравјето и благосостојбата на нашите сограѓани. Обесхрабрувачки е да се види занемарувањето и рамнодушноста кон пациентите кои страдаат од цистична фиброза. Уште пообесхрабрувачки е да се слушне дека на пациентите им се ускратува третманот што го заслужуваат, а вознемирувачки е да се слушне навредливиот јазик што се користи од типот на „шоумените “ со што се покажува целосен недостаток на емпатија и разбирање. Едноставно е неприфатливо потфрлувањето на актуелниот министер да ги обезбеди потребните лекови за овие лица и начинот на комуникација со нив.
За време на мојот мандат за првпат беа отворени 8 специјалистички студии на Медицинскиот факултет при Државниот универзитет во Тетово. Денес имаме 0 нови специјалистички студии. Во времето кога јас бев министер за здравство, успешно обезбедивме приближно 14 милиони евра инвестиции, овозможувајќи опремување со современа опрема на болничките капацитети од градот Кавадарци па се до Струга. Само во Клиничката болница во Тетово се инвестирани 3,5 милиони евра опрема. Колку инвестиции имате во оваа болница и зошто нема? Дали се чувствувате подеднакво загрижени кога директорот на тетовската болница денес ви поднесе оставка?
Да не ги заборавиме и државните универзитетски клиники кои се исправени пред многу предизвици. Вознемирувачки е да се види недостатокот на стратегија или дури и план за решавање на овие проблеми.
Почитувани, овие аспекти немаат за цел да го дискредитираат или минираат актуелниот министер за здравство, туку да ги расветлат областите каде што можеме колективно да го подобриме развојот на нашиот здравствен систем и благосостојбата на нашите сограѓани. Време е Министерството за здравство да преземе одговорност, да ги слушне потребите на граѓаните, да ја подобри комуникацијата и да работи кон вистински решенија. Очекуваме транспарентност, отчетност и итна акција за подобрување на овие прашања. Заедно, да се заложиме за здравствен систем кој вистински приоритет ќе овозможува благосостојбата на граѓаните“, пишува Сали.