Утрински Весник
Македонија

Кисела Вода субвенционира материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, поправка на лифтови, пелети и печки на пелети

Кисела Вода субвенционира материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, поправка на лифтови, пелети и печки на пелети

Четири јавни повици за субвенции објави денес Општина Кисела Вода, кои на жителите од овој дел на градот ќе им обезбедат финансиска поддршка за набавка на печки за пелети, за пелети како енергент, за кофинансирање при набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, како и за поправка и санација на постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на општината.

dobivaj vesti na viber

Во согласност со програмата за локален економски развој на Општина Кисела Вода за 2023 година, вкупниот износ за четирите субвенции што ги обезбеди локалната самоуправа изнесува 3.600.000,00 денари. Од нив, 2 милиона се предвидени за кофинансирање при набавка на материјали за реконструкција на фасади, 600.000,00 денари за поправка на лифтови, а по 500.000,00 денари се наменети за пелети и за печки на пелети. Распределбата на средствата за сите повици ќе се врши по принципот на прв дојден, прв услужен.

За субвенцијата за набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на територијата на општина Кисела Вода, може да аплицираат заедниците на сопственици или управители на станбени згради за колективното домување, чии станбени згради се изградени пред 2010 година. За ова ќе треба да се достави доказ заедно со нотарски заверена изјава дека набавените материјали наведени во испратницата и предметот на количини во целост ќе бидат наменети и вградени во соодветната станбена зграда за која се однесува барањето во рок од 1 година од датумот на решението за субвенционирање и финансиска поддршка донесено од страна на градоначалникот на општина Кисела Вода и дека ќе биде потпишан договор.

Јавниот повик ќе трае 60 дена од датумот на објавувањето, а локалната самоуправа финансиски учествува со парични средства во висина од 60 % од вредноста.

Сите критериуми и услови за учество се достапни на следниот линк објавен на веб-страницата на Општина Кисела Вода

https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/fasadi1.PDF

Во поглед на финансиска поддршка за поправка и санација на постојни лифтови во станбени згради, Општина Кисела Вода ќе учествува со средства во износ од 30 % од вредноста, но не повеќе од 200.000,00 денари. Право на учество имаат сите влезови поединечно, кои имаат регистрирано заедница на сопственици на станови или имаат избрано управител на станбените згради и кои во потребната документација ќе достават и одлука за поправка и санација на постојниот/те лифт/ови потпишана од мнозинството сопственици на посебни делови на станбената зграда, понуда од економски оператор со детален опис по позиции, како и одлука или изјава со која се потврдува дека ќе се обезбедат 70 % од потребните средства за поправка и санација на лифт/ови на нивната станбена зграда. Јавниот повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства за оваа намена, најдоцна до 31.10.2023 година, а сите критериуми и услови се достапни на

https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/liftovi1.PDF

И оваа година Кисела Вода ќе субвенционира набавка на печки за пелети во износ од 50 % од вредноста, но не повеќе од 20.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход. За аплицирање ќе биде потребна изјава заверена на нотар дека се работи за индивидуален станбен објект, кој не е поврзан на градско парно и за кој нема искористени субвенции за набавка на печка на пелети или инвертор од кој било извор во државата, како и доказ дека е извршено купувањето печка на пелети, од 1.1.2023 година до завршување на јавниот оглас во согласност со правилникот, со приложување фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во оргинална форма.

Како новитет, оваа година Општина Кисела Вода субвенционира и набавка на пелети како енергент во износ од 50 % од вредноста, но не повеќе од 10.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход. За добивање ваква субвенција потребна е изјава заверена на нотар дека се работи за индивидуален станбен објект кој не е поврзан на градско парно и за кој нема искористени субвенции за набавка на пелети од Општина Кисела Вода по основ на овој повик и поседува печка на пелети за односниот објект, како и доказ дека е извршено купувањето на пелетите, од 1.1.2023 година до завршување на јавниот повик, со приложување фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во оригинална форма.

За двата повика, за субвенција на печки на пелети и за пелети, критериумите за учество се наведени на следните два линка достапни на веб-страницата на Општина Кисела Вода:

https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/pecki1.PDF

https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/peleti1.PDF

Барањето со потребната документација се доставува во архивата на Општина Кисела Вода.

Подетаљни информации за субвенциите за материјали за фасади и за набавка на пелети заинтересираните може да добијат на следната имејл-адреса: [email protected], а за субвенциите за печки на пелети и за поправка на лифтовите на следната имејл-адреса: [email protected].

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Вистината е дека Бујар Османи е политичар кој внесува поделби и омраза

Едно лице извршувало две неспоиви функции во Битола, платило глоба, но не се откажало од една од функциите

Времето утре сончево и топло, за викендот локален пороен дожд и грмежи