Утрински Весник
Свет

Кина: САД „сериозно го кршат“ меѓународното право со запленувањето бродови

China Flag.jpg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ги обвини САД за сериозно кршење на меѓународното право откако САД пресретнаа танкер за нафта што се упати кон Кина крај брегот на Венецуела. 

-Венецуела има право да развива односи со други земји, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан на денешната прес-конференција, додавајќи дека Кина се спротивставува на сите „еднострани и нелегални“ санкции. 

Американската крајбрежна стража во саботата пресретна втор танкер за нафта во меѓународни води крај брегот на Венецуела, неколку дена откако претседателот Доналд Трамп објави „блокада“ на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела.

Танкерот „Сенчерис“ бил натоварен во Венецуела под лажното име „Крег“ и носел околу 1,8 милиони барели венецуелска сурова нафта Мереј наменета за Кина, покажаа документите. 

Суровата нафта ја купила „Сатау Тиџана Оил Трејдинг“, еден од многуте посредници вклучени во продажбата на венецуелската државна нафтена компанија PDVSA на кинески независни рафинерии, покажуваат документите. 

Портпаролката на Белата куќа изјави дека „бродот со лажно знаме“ носел санкционирана нафта и бил дел од тајната флота на Венецуела. 

Венецуелската влада го осуди пресретнувањето на танкерот како „сериозен чин на меѓународно пиратство“. 

Кина е најголемиот купувач на сурова нафта од Венецуела, сочинувајќи приближно четири проценти од нејзиниот увоз. 

Можете да прочитате

Пентагон: Кина распоредила повеќе од 100 интерконтинентални балистички ракети

Боледувањата ја осиромашиле германската економија за 200 милијарди евра

Израелската влада го затвора Военото радио