
Кина, според петгодишниот план на владејачката Комунистичка партија, во наредниот период ќе ја намалува зависноста од странски високотехнолошки производи и ќе ја поттикнува домашната побарувачка во услови на зголемени трговски тензии со САД и забавување на економскиот раст.
Планот, кој ги опишува приоритетите на земјата за следниот економски циклус, беше објавен во четврток по неколкудневниот состанок на највисокото раководство на партијата во Пекинг, а пред најавените разговори меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот американски колега Доналд Трамп.
Петгодишните планови се наследство од централното планирање во советски стил, но Кина продолжува да ги користи за да ги постави политичките приоритети, да ги насочи јавните инвестиции и да постави стратешка рамка за економски развој. Ваквите пленуми служат и за да се демонстрира партиското единство и поддршката за раководството на Си.
Документот не наведува никакви големи промени во сегашниот политички курс, но ја нагласува потребата Кина да го забрза својот премин кон технолошка самостојност и повеќе да се потпира на домашната побарувачка како извор на раст. Пекинг има намера да ја задржи својата улога како глобална производствена сила, а воедно да се стреми кон посилен и поодржлив економски раст дома.
Иако во соопштението не се споменува директно трговската војна со Вашингтон, се предупредува на растечките „неизвесности и непредвидени фактори“ што произлегуваат од глобалната конкуренција и геополитичките промени.
Хан Венксиу, висок партиски функционер задолжен за финансиска и економска политика, им изјави на новинарите дека Кина е добро позиционирана да се справи со надворешните ризици бидејќи „меѓународната рамнотежа на моќ минува низ длабоки прилагодувања“.
Според Чи Луо, виш пазарен стратег за Азиско-пацифичкиот регион во BNP Paribas Asset Management, Кина има за цел да постигне „значително посилно меѓународно влијание“ до 2035 година и да ја зацврсти својата позиција како бранител на слободната трговија и мултилатералниот економски поредок.
Леа Фахи, економист за Кина во „Капитал економикс“, вели дека документот ја покажува амбицијата на Пекинг да го прошири своето меѓународно влијание, а истовремено да го заштити глобалниот трговски систем и да ги зајакне своите домашни индустриски капацитети.
Секторот за недвижности, кој беше еден од главните двигатели на кинеската економија во последните две децении, продолжува да се намалува. Падот, кој започна за време на пандемијата Ковид-19, ја поткопа довербата на потрошувачите, ја влоши економската состојба на домаќинствата и доведе до губење на работни места.
Во петгодишниот план се нагласува стратешката потреба од зголемување на домашната побарувачка. Владата веќе ги охрабрува инвестициите во модернизација на производството и обезбедува субвенции за граѓаните за замена на старите автомобили и домашни апарати со нови.
Сепак, во многу индустриски сектори, производствениот капацитет останува поголем од домашната побарувачка. Ова доведува до ценовни војни и ги поттикнува кинеските компании да го зголемуваат извозот, продлабочувајќи ги тензиите со трговските партнери – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и други земји.
Економскиот раст на Кина се забави на 4,8 проценти во последниот квартал, а производствената активност се намалува шести месец по ред.
Кинеските лидери, сепак, поставуваат долгорочна цел за удвојување на економијата до 2035 година во однос 2020-та, што би барало просечен годишен раст од околу 4 до 5 проценти.
Според економските аналитичари, овие цели се остварливи ако се случи премин кон високотехнолошко производство и потрошувачите почнат повеќе да трошат.
Кина останува најголемиот светски производител, со околу 30 проценти од глобалното индустриско производство и речиси една четвртина од глобалната економија. Во последниве години, Кина се префрли од трудоинтензивно, нискобуџетно производство кон производи со повисока додадена вредност, како што се електрични возила, батерии, роботи и телекомуникациски компоненти. Кинеските компании како што се BYD и CATL се веќе меѓу светските лидери во производството на батерии и технологии за електрични возила.
Високотехнолошките индустрии ќе бидат приоритет во наредните години. Тие вклучуваат квантни технологии, биопроизводство, вештачка интелигенција и мобилни комуникации од следната генерација.
Пекинг го гледа индустрискиот сектор и како алатка за зајакнување на националната безбедност и стратешко прашање поврзано со безбедноста и геополитичкото влијание



