Утрински Весник
Балкан

КФОР: Косовската полиција не е должна да не информира за сите свои движења

Kosovo 2.webp.webp

Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, по последната акција на косовската полиција на северот од земјата, населен со мнозинско српско население, ја нагласи потребата од „консултации и координација на секоја акција што може да влијае на регионалната безбедност“, меѓутоа вели дека полицијата не е должна да ги известува за сите нивни движења низ земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во одговор за телевизијата Дукаѓини, КФОР, цитирајќи го генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вели дека нивно одобрување е потребно за секое движење или распоредување на Безбедносните сили на Косово (ФСК) на север.

„Ставот на НАТО е јасен и конзистентен. Полицијата на Косово нема потреба да го информира командантот на KFOR за сите свои движења низ Косово. Но, како што генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг јасно стави до знаење за време на неговата посета на Косово минатиот ноември: Стабилноста во регионот зависи од сите страни кои избираат дипломатија наместо насилство и од почитувањето на постојните обврски. Секое распоредување на Безбедносните сили на Косово на северот на земјата бара согласност од КФОР, и очекуваме навремени консултации за секоја акција на ФСК или Полицијата на Косово која може да влијае на регионалната безбедност“, се вели во одговорот на КФОР.

Според официјалното соопштение на полицијата, на денот на акцијата, во понеделникот, покрај затворањето на шест нелегални филијали на српската „Банка Поштенска штедилница“, одземени се и различни материјални докази, меѓу кои околу 74 милиони динари, околу милион и 600 илјади евра, 19.500 франци и 13.800 американски долари.

Акцијата на косовската полиција уследи една недела откако Централната банка на Косово објави дека заврши преодниот период за примена на нејзината нова регулатива, со која се забранува користење на српскиот динар за готовинско плаќање.

Акцијата беше остро критикувана од меѓународниот фактор. Американскиот Стејт департмент го изрази своето разочарување од косовската влада, а и Европската унија жестоко реагира на операцијата на косовската полиција против филијалите на Поштенската штедилница на Србија на северот на земјата, оценувајќи дека таа акција е доказ дека Косово „повеќе им дава приоритет на едностраните и некоординирани акции отколку на соработката со пријателите и сојузниците“.

Можете да прочитате

Протест на опозицијата во Tиранa, полицијата употреби солзавец и водени топови

Се огласи жената која ја претепа Слобода Миќаловиќ: Почна да ја споменува мајка ми

Бојко Борисов: Ја повлекувам кандидатурата за премиер на Бугарија