
Аеродром се соочува со сериозни инфраструктурни предизвици – метеж, недостиг од паркинг-простор и небезбедни пешачки и велосипедски патеки. Решенијата ги понуди кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Александар Трајановски, кој на денешната прес-конференција истакна дека неговата програма нуди конкретни мерки, а не празни зборови.
– Во соработка со Град Скопје ќе ја завршиме изградбата на булевар АСНОМ и ќе обезбедиме нови коридори за поврзување со соседните општини. Ќе изградиме нова сообраќајница меѓу Аеродром и Кисела Вода и ќе ја реконструираме улицата Фрањо Клуз и нејзините краци – изјави Трајановски.
Тој додаде дека во секој дел од Аеродром ќе има локални реконструкции и проширувања.
– Ќе ја направиме целосната реконструкција на споредни улици во Горно и Долно Лисиче, ќе уредиме нови паркинг-простори зад ТЦ Скопјанка, ТЦ Бисер и во Ново Лисиче. Со тоа ќе го решиме проблемот со паркирањето кој со години ги мачи жителите – нагласи кандидатот на СДСМ.
Според него, посебен акцент ќе се стави на безбедноста на пешаците и велосипедистите.
– Ќе воведеме „зона 30“ во сите сервисни улици, ќе изградиме нови велосипедски патеки и ќе воспоставиме нулта толеранција за паркирање на тротоари и пешачки патеки. Кај сите училишта ќе бидат поставени нови семафори за максимална заштита на децата – рече Трајановски.
Тој најави дека проблемот со паркирањето ќе се решава со паметни паркиралишта и катни гаражи, со почитување на принципите на одржлива урбана мобилност.
– Ова се решенија што директно ќе влијаат врз секојдневието на нашите граѓани – побезбеден сообраќај, поуредени улици и поголема мобилност за сите. Заедно ќе ставиме крај на сообраќајниот хаос и ќе изградиме модерна, европска општина Аеродром – општина по мерка на граѓаните. Се бориме за нашиот дом! – порача Трајановски.