Утрински Весник
Свет

Катедралата „Нотр Дам“ повторно се отвора денеска: поминаа пет години од разорниот пожар

6ae53bad 0c7f 48bc 800a A17bc270dea5.jpg

Светот ќе го добие својот прв увид во внатрешноста на обновената катедрала „Нотр Дам“ во Париз денеска кога францускиот претседател Емануел Макрон ќе одржи телевизиска обиколка за да го одбележи претстојното повторно отворање на катедралата. Пет и пол години по разорниот пожар во 2019 година, парискиот готски скапоцен камен е спасен, обновен и преуреден – нудејќи им на посетителите визуелно неверојатно искуство, пишува Би-би-си.

Претседателот, придружуван од сопругата Брижит и парискиот надбискуп Лоран Улрих, на овој начин ја почнува програмата на церемонии денес, која ќе кулминира со официјалното влегување во катедралата на 7 декември и првата католичка миса следниот ден.

Откако ќе ги прикаже најважните моменти од реновирањето на катедралата во вредност од 700 милиони евра, вклучувајќи масивни дрвени греди, кои ја заменуваат средновековната рамка уништена од пожарот, Макрон ќе одржи говор на благодарност до речиси 1.300 занаетчии во катедралата.

Реставрираната внатрешност на „Нотр Дам“ се чува во строга тајност – со само неколку слики, кои го покажуваат напредокот на реставрацијата, објавени во јавноста во текот на годините на обновата. Меѓутоа, луѓето што биле внатре неодамна тврдат дека искуството е неверојатно, а катедралата е подигната со нова јасност и осветленост, што прави остар контраст со претходната мрачна атмосфера, според написите во медиумите.

„Зборот што најдобро го опишува денешниот ден е – сјај“, вели извор од Елисеј, кој бил тесно вклучен во реновирањето. „Посетителите ќе го откријат сјајот на исечениот камен, што е беспрекорна белина што можеби не била видена во катедралата со векови“, додава тој.

Катедралата, чија структура веќе беше предмет на загриженост пред пожарот, во тоа време беше во процес на надворешно реновирање. Теориите за причината за пожарот вклучуваат цигара оставена од работник или електричен дефект.

Речиси 600 пожарникари се бореа со пламените јазици 15 часа. Во еден момент се стравуваше дека осумте ѕвона во северната кула би можеле да паднат, што ќе ја урне самата кула, а можеби и поголемиот дел од ѕидовите на катедралата.

Катедралата на крајот беше спасена. Пожарот ги уништи кулата, дрвените греди на покривот и камените сводови над централната трансепта. Имаше и големи штети од паѓање дрва, камења и вода од противпожарните црева.

По обиколката на локацијата еден ден по пожарот, Макрон даде ветување што за многумина во тоа време изгледаше невозможно: повторно да ја отвори „Нотр Дам“ за посетителите за пет години.

Со закон беа формирани јавни органи за управување со работите, а повикот за донации предизвика брза реакција. Собрани се вкупно 846 милиони евра, најмногу од големи спонзори, но и од стотици илјади мали донатори.

Одговорноста за задачата му беше доверена на Жан-Луј Жоржлин, воен генерал со малку трпение за комисии и конзерватори. „Тие се навикнати да работат со фрегати. Ова е носач на авиони“, рече тој. Жоржлин беше заслужен за неоспорниот успех на проектот, но почина во несреќа на Пиринеите во август 2023 година и беше заменет од Филип Јост.

Се проценува дека на проектот работеле речиси 2.000 ѕидари, столари, реставратори, работници за поправка на покрив, работници во леарници, експерти за уметност, скулптори и инженери.

Можете да прочитате

Путин загрижен за безбедноста на Трамп: Се надевам дека ќе биде внимателен

Сибирски студ во Централна и Источна Турција со температури 20 степени под нулата

Руската армија незапирливо напредува: паднаа уште две важни места на рутата Донецк