Нема извинување, но има контрирање со Владата. Вака изгледа првото обраќање на тетовскиот градоначалник Билал Касами откако на негов настан се вееше знаме со т.н. „голема Албанија“, не се интонираше македонската химна и немаше македонско знаме. Неговата реакција е во насока дека доаѓањето на албанскиот премиер Албин курти е чест за Албанците од Македонија, но и за државата. Ниту збор не кажува за низата осуди и прекршувања на законите и протоколите.
„Власта не успеа да го сокрие или контролира стравот од пораз на следните избори, особено кога се појави обединетата опозициска фронт со поддршка на премиерот на Косово, Албин Курти. Ја разбираме загриженоста на претседателот и Владата, на кои, зачудувачки, со поддршка и реакции излезе и Белград, и знаеме дека оваа политичка реторика нема врска со посетата на Албин Курти, туку има врска со загриженост дека опозициските Албанци…“, стои во дел од објавата на Касами.
„Макфакс“ испрати низа прашања до Касами, но тој не ги одговара. Од него нема ниту извинување, иако дел од јавноста остро реагираше на иконографијата со т.н. „голема Албанија“, прекршувањето на законите и, како што пишуваат, непримерниот однос кон државата. Нема извинување ниту за тоа што Курти беше пречекан со песна „Добредојде во Албанија“, на спотот за неговото пристигнување во Тетово.
Спотот беше објавен скоро четири часа откако „Макфакс“ прв ја објави веста дека знаме со т.н. „голема Албанија“ беше веено во Тетово за време на посетата на Курти, а за што прашања испративме и до Касами. Тој не се извини, ниту даде одговори, туку го сподели видеото.
На настанот не беше интонирана државната химна, ниту имаше македонско знаме. За ова, премиерот Димитар Ковачевски, како и претседателот Пендаровски, кажаа дека е кршење на законите и протоколите.