
Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, јавно го искажа незадоволството од досегашните резултати на партијата во рамки на коалицијата ВЛЕН и во Владата. Во интервју за ТВ21 тој најави дека утре ќе се одржи важна седница на Централното собрание, на која ќе се разгледуваат кадровските решенија и понатамошната стратегија на партијата.
Касами отворено призна дека партијата можела да испорача повеќе резултати.
„Лично, мислам дека капацитетот на Движењето Беса во ВЛЕН и во Владата е многу поголем од она што досега го покажавме“, истакна Касами.
Тој додаде дека не е целосно задоволен и дека е неопходна поголема посветеност во сите ресори со кои раководат.
За утрешниот состанок веќе се подготвени анализи за предностите и слабостите на Беса во Владата. Највисокото партиско тело ќе ги ислуша извештаите на функционерите, по што ќе се донесат конкретни одлуки за иднината.
„Верувам дека таму сите функционери ќе известат за тоа каков е резултатот од нивното управување со институциите… ќе заземеме и ставови за тоа колку сме задоволни и дали можеше да биде подобро“, најави Касами.

