Утрински Весник
Македонија

Камерното трио „Анимато“ со јубилеен концерт „Квинтесенца“, влезот е бесплатен

Trio animato.jpg

Во Даут Пашин Амам денеска со почеток во 19:00 часот ќе се одржи концерт насловен „Квинтесенца“ на триото „Анимато“. Со овој концерт, триото ќе одбележи пет години од своето концертно делување. Во камерниот состав членуваат Светлана Димитриевска на пијано и Даниела Неделковска и Симона Марочковска Манојловска на флејта, професорки во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

На програмата се дела од Франц Доплер, Трајко Прокопиев, Алексеј Шор и Бете Илин.


-Камерната музика претставува еден од најсуптилните и најинтимни облици на музичко изразување. За изведувачите камерната музика е непроценливо искуство бидејќи ја развива способноста за слушање, прилагодување и изразување. Наместо да следат диригент, музичарите се потпираат еден на друг, создавајќи динамична, жива интерпретација. За публиката, пак, камерната музика нуди длабоко емотивно доживување, со можност да се почувствува секој звук и нијанса на израз, соопшти м-р Димитриевска.

Во текот на изминатите пет години, Трио Анимато се етаблираше како еден од најактивните камерни состави во Македонија, со настапи во земјата и странство, промовирајќи ја домашната музичка сцена и соработувајќи со бројни истакнати уметници и институции. Овој јубилеен концерт е заокружување на едно успешно поглавје и најавува нови проекти со уште поголема посветеност кон уметничкиот развој и културната промоција.

Влезот е бесплатен за посетителите, а љубителите на класичната музика се поканети да бидат дел од оваа музичка прослава и да уживаат во виртуозната изведба на триото кое го слави своето постоење токму таму каде што традицијата и современоста се сретнуваат – во срцето на Старата скопска чаршија.

Дополнителни информации за концертот може да се најдат на официјалните канали на Националната галерија и Трио Анимато.

Проектот е поддржан од Министерството за култура.

Можете да прочитате

Јабланица ќе стане заштитено подрачје

Здравствената состојба на Панчо се подобрува: Раните на телото ќе се залечат, ама лузните на душата ќе останат за навек

Муртезани во Брисел на средба со известувачот за Северна Македонија, Вајц