Утрински Весник
Свет

Камала Харис: Од надарена правничка до трка за Белата куќа

20240814182740 Big 730x400 59.webp.webp

Камала Харис (60) би можела да стане првата жена на чело на Соединетите Американски Држави (САД).

Но, таа веќе влезе во историјата како првата црнкинка и воопшто прва жена на функцијата потпретседателка, по победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година.

Пред да се впушти во политичките води, работела во окружните обвинителства и два пати е избрана за државен обвинител на Калифорнија. Во 2017 година стана сенаторка, а во трката за претседателската функција се најде поради уникатни околности.

Харис е втора жена кандидат за претседател на Демократската партија која ќе се соочи со Доналд Трамп. Хилари Клинтон ја загуби претседателската трка во 2016 година.

Интересни факти

– Доцен почетокот на претседателската кампања

Под притисок на многумина од Демократската партија и дел од финансиерите, Бајден во јули се откажа од кандидатурата за уште еден мандат и ја поддржа својата заменичка. Кампањата, која вклучува и борба меѓу колеги внатре во партијата за избор на претседателски кандидат, обично трае од 12 до 18 месеци, а Харис, поради невообичаените околности, имаше на располагање помалку од четири месеци.

Камала Харис и Бјонсе

– За химна на кампањата ја избра песната на Бијонсе „Freedom“ (Слобода).

Тоа е збор кој ја карактеризира нејзината кандидатура. Нејзиното главно ветување е дека ќе обезбеди еднакви можности за вработените луѓе преку економски просперитет и сеопфатен пристап до родителско отсуство и грижа за деца. „Во текот на целата моја кариера имав само еден клиент – народот“, изјави таа еднаш.

Харис се залага за репродуктивната слобода на жените, бидејќи некои држави ги ограничуваат правата за абортус. Исто така, поддржува избирачки права и безбедно опкружување без насилство од оружје, иако самата поседува оружје.

Нејзините критичари прашуваат зошто досега не презела нешто во поглед на нејзините ветувања како член на сегашната администрација, а некои ја осудуваат и поради ставот за нелегалната имиграција.

– Го запознала сопругот на состанок на слепо и се омажила на 48 години

Состанокот на слепо на Харис и адвокатот Даг Емхоф го договорил негов клиент, инаку заеднички пријател. Се венчаа во 2014 година и Харис стана маќеа на неговите деца Кол и Ела, кои тогаш беа тинејџери.

„Нашето семејно време е неделната вечера“, изјави таа за модниот магазин „Ел“ (Elle). „Кол ја поставува масата и ја избира музиката, Ела прави прекрасни десерти, Даг е главниот во кујната, а јас готвам“.

Како Камала Харис се најде во политиката

Камала Харис влезе во историјата на претседателските избори во 2020 година како првата цркинка, првата азиска Американка и првата жена на функцијата потпретседател на САД.

Во ноември 2021 година, таа беше вршител на должноста претседател 85 минути додека Бајден беше под анестезија заради лекарски преглед.

По петгодишното школување во Монтреал, Канада, каде што работеше нејзината мајка, Харис се запиша на Универзитетот Хауард во Вашингтон, кој претежно го посетуваат Афроамериканци.

Токму за време на студиите се заинтересирала за политиката, особено за темите на апартхејдот во Јужна Африка и расните односи во Америка.

Подоцна дипломирала на Правниот факултет во Сан Франциско при Универзитетот во Калифорнија и кариерата ја започнала во канцеларијата на окружниот јавен обвинител на Аламеда. Брзо напредувала и во 2010 година е избрана за државен обвинител на Калифорнија.

По реизборот ја напушти функцијата во 2017 година за да ја претставува Калифорнија во Сенатот, горниот дом на американскиот Конгрес. Во 2020 година Харис беше една од номинираните за претседателски кандидат на Демократската партија, но се повлече во раната изборна фаза.

Меѓутоа, по добивањето на поддршката од партиските колеги, Бајден ја одбра Харис да биде негова кандидатка за потпретседател. „Камала е паметна, цврста, искусна, докажан борец“, изјави тогаш Бајден. Заедно го победија тогашниот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс.

Харис и Бајден

Идентитетот на Камала Харис како жена и личност која не е белец можеби одигра важна улога во нивната победа, бидејќи добија поддршка од 90 отсто од Афроамериканките што гласаа.

Корените на Камала Харис

Родена е во Оукланд, во сојузната држава Калифорнија. Нејзината мајка, Шјамала Гопалан Харис, биомедицинска научничка и активистка за граѓански права, и таткото Доналд Харис, роден на Јамајка, се развеле кога таа имала пет години.

По разводот, за неа и за нејзината помлада сестра Маја претежно се грижела мајката. Шјамала ги учела ќерките за нивното индиско наследство, но истовремено ги носела во центарот за афроамериканска култура, каде што младата Камала била инспирирана од политичарката Ширли Чизолм и пејачката Нина Симон.

„Мајка ми знаеше дека нејзината нова татковина ќе гледа на Маја и на мене како на црни девојчиња и беше решена да прераснеме во самоуверени, горди цркинки“, пишува таа во нејзината автобиографија „Вистините што ги држиме“. Додава дека никогаш немала проблем со својот идентитет и едноставно се опишува како „Американка“.

Харис често говори за лекциите што ги научила од мајка си, за која вели дека е „најважната личност“ во нејзиниот живот. „Беше цврста, храбра, пионерка во борбата за здравјето на жените.

„Не научи никогаш да не се жалиме на неправдата, туку да преземеме нешто“.

Благодарение на нејзиното мешано потекло и начинот на воспитување, лесно воспоставува однос со многу Американци.

Во деловите на земјата каде што се случуваат брзи демографски промени, кои се доволни за да ја сменат политиката на регионот, Камала е симбол на амбицијата. Тоа многумина го забележале уште за време на студиите. Лита Росарио Ричардсон ја запознала Камала Харис на Универзитетот Хауард во 1980-тите, на студентски собири, каде што се дружеле и разговарале за политика, мода и разменувале трачеви.

„Забележав дека има изострена смисла за аргументација“, вели таа. Нив две ги поврзала способноста за енергична расправа со републиканците на факултет, растењето со самохрани мајки, па дури и фактот дека двете се Ваги во хороскопот. Тоа било време кога политички се обликувале.

Камала Харис млада

„Тогаш претседател беше (Роналд) Реган, беше време на апартхејдот и многу се зборуваше за празникот на Мартин Лутер Кинг“, вели Росарио Ричардсон. „Знаеме дека, имајќи предвид дека сме потомци на поробени луѓе и обоени луѓе кои биле колонизирани, имаме посебна улога и дека образованието ни дава посебен положба во општеството, бидејќи треба да помогнеме да се спроведат промени“, објаснува таа.

А Харис, како што вели нејзината пријателка Росарио Ричардсон, покажала вештини кои ѝ овозможиле да биде една од ретките жени кои ги пробиле бариерите. „Она што ме привлече да ја убедам да се приклучи на дебатниот тим [на Универзитетот Хауард] е нејзината неустрашивост“.

Како Камала стана „Мамала”

За модното списание „Ел“ во 2019 година, таа напиша статија за тоа како е да се биде маќеа и откри како го добила прекарот кој често се користи во медиумите од тогаш. „Кога јас и Даг се венчавме, Кол, Ела и јас се согласивме дека не ни се допаѓа изразот „маќеа“, па тие го смислија името „Мамала“ (Momala – од англиски „mom“, што значи „мама“).

Даг, Кол и Ела заедно излегоа на сцената на Демократската конвенција во 2024 година за да ја прослават номинацијата на Харис и нивното „големо, прекрасно мешано семејство“.

Камала Харис конвенција

Нејзината сестра Маја и нејзината ќерка Мина, како и двете внуки, исто така се појавија во Чикаго.

Мнозина тврдат дека Харис е наследничка на генерации црни активистки. Надија Браун, доцентка по политички науки и афроамерикански студии на Универзитетот Пердју во Индијана, изјави за Би-Би-Си дека Харис чекори по стапките на активистки како Фани Лу Хамер, Ела Бејкер и Септима Кларк.

„Таа е наследничка на традицијата на движењата на локалните граѓани, избраните функционери и неуспешните кандидати кои го трасираа овој пат до Белата куќа“, смета Браун.

Можете да прочитате

„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен да се борат во Украина

Хезболах истрела 150 ракети кон Израел

Телефонски разговор Путин – Ердоган