Утрински Весник
Македонија

Калас до Мицкоски: Преземете ги потребните чекори за отворање на пристапните преговори

Mickoski kalas.jpg

Европската Унија останува посветена на поддршката на Северна Македонија на нејзиниот пат кон полноправно членство во Унијата, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас по денешната средба со државниот врв во Скопје.

„Штотуку имавме продуктивна средба на која разговаравме за повеќе важни теми. ЕУ останува со Северна Македонија. Вие сте првата земја во регионот која го потпиша партнерството за безбедност и мир, што обезбедува заедничка поддршка за Украина и за цела Европа,“ изјави Калас, нагласувајќи ја улогата на земјата како стабилен и сигурен партнер за регионалната безбедност.


Таа ја пофали Северна Македонија како прва земја што почна да ги користи придобивките од новиот ЕУ план за раст за Западен Балкан, што, според неа, покажува сериозна посветеност на реформите и европската агенда.

„Северна Македонија припаѓа во Европската Унија. Вие веќе сте дел од нашата заедничка безбедносна политика, а тоа е од клучно значење во време на геополитички предизвици. Ве охрабрувам да останете на истиот пат и да ги преземете потребните чекори за отворање на пристапните преговори,“ порача Калас.

Таа ја изрази и поддршката на ЕУ за натамошна борба против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, оценувајќи дека тоа се фундаментални вредности за кои Унијата ќе продолжи да обезбедува поддршка – без разлика на политичкиот контекст.

„Северна Македонија се соочува со важен изборен процес и изборот ќе го направат граѓаните. ЕУ верува во иднината на регионот во европското семејство. Ајде да се придвижиме заедно – ЕУ останува покрај вас,“ заклучи Калас.

Можете да прочитате

Македонија во Рим го одбележува денот на Свети Кирил и Методиј

Мимоза Муса останува во ВЛЕН – Таравари останува со уште еден пратеник помалку

Македонска делегација на молебен на гробот на Свети Кирил во Рим