Утрински Весник
Македонија

Како да натераш Јавен обвинител да си замине? (Прирачник за политички фантастики)

Kekenovskijove.jpg

Пишува: проф д-р Јове Кекеновски

Во Република Македонија, ситуацијата со јавниот обвинител е истата како кога соседот дошол „само на кафе“, а веќе трета година ти го испива кафето и ти го држи далечинското. Интерпелација? Ах, тоа е како да му кажеш: „Еј, мислам дека е време да одиш“, а тој само ќе се насмее, ќе се намести поудобно и ќе праша: „Кафето е одлично, а имате ли нешто благо?“


Човекот чека Советот на јавни обвинители да го разреши. А Советот, пак, е како јавен автобус во недела навечер – теоретски постои возен ред, ама никој не е сигурен кога ќе дојде, или дали воопшто ќе дојде.

Што можеме да направиме ние, простите граѓани?. Прво, да му пратиме календар на кој сите датуми се означени со „Време е за оставка“. Второ, да му купиме часовник што секогаш покажува „5 минути до заминување“ и трето, да му испратиме покана за свеченото отворање на сопствената врата, за кога конечно ќе реши да ја премине.

Дали е срамно? Не, ова одамна го надмина срамот. Ова е како да гледаш сапуница што трае 20 сезони, каде главниот лик одамна требало да излезе од приказната, ама сценаристите и продуцентите се сериозно вљубени во него.

Во секоја нормална држава, интерпелација значи: „Веќе не ви веруваме, време е да си одите“. Кај нас, тоа значи: „Веќе не ви веруваме… ама ако може, останете уште малку додека не се договориме со сите пријатели од Советот на обвинители, Владата и Парламентарниот дом“.

И така, народот ќе чека. Чекањето е, всушност, новата национална спортска дисциплина. Кутрите ние, постојано чекаме, чекаме правда, чекаме чесност, чекаме и малку совест да се појави некаде меѓу параграфите. А јавниот обвинител? Тој само седи, гледа од фотелјата и си мисли: „Што да брзам, времето е на моја страна…“

Од законски аспект разрешувањето на јавниот обвинител е јасно уредена постапка. А во пракса тоа е невозможна мисија. Тоа е како да испраќаш писмо со гулаб кон Советот на јавни обвинители и да чекаш да се врати со потпис, печат и, по можност, траги од мозочна активност.

Врз основа на досегашните случувања слободно можам да заклучам дека Владата го предлага, Собранието го гласа, а кога ќе дојде време да го тргнеме заради многуте пропусти во работењето, изведуваме цела правна кореографија каде: интерпелацијата е уводен танц, Советот на обвинители е бавен валцер, а јавниот обвинител е соло изведувач што одбива да ја напушти сцената додека не го добие и аплаузот наменет лично нему.

Така, наместо правна држава, добиваме правна сапуница со бесконечни епизоди.

Сè додека Советот не се „разбуди од надо-будниот сон“, останува да уживаме во оваа македонска верзија на шоуто „Кој сака да биде Јавен обвинител?“, каде главната награда е доживотна фотелја, бесплатна доза политичка заштита и неизмерно трпение на народот.

Овој краток прирачник не е само збирка од политички фантазии и имагинации, туку и огледало на нашата стварност, смешно и горко во исто време. Читајќи го, човек сфаќа дека најтешко е не да натераш јавен обвинител да си замине, туку да ја натераш правната држава да пристигне.

Можете да прочитате

СДСМ: Паниката во ВМРО ја извади на површина Платформата за рушење на СДСМ

Фатен крадец во Струмица, затекнат при кражба во црква

Кривична за маж од тетовско за кражба на струја во вредност од над милион денари