Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров вчера ја критикува забраната за носење брада меѓу руските војници.
Во интервју за порталот РБЦ во средата, пензионираниот генерал-полковник и пратеник во рускиот парламент ја оправда забраната за носење брада, паметни телефони и таблети како „елементарен дел од воената дисциплина“.
Кадиров, кој зборуваше за улогата на своите војници во војната во Украина, ги коментира и зборовите на генералот Соболев.
„Генерал-полковникот Виктор Соболев очигледно има многу слободно време бидејќи нема што да прави, освен повторно да го прочита воениот кодекс на однесување“, напиша Кадиров на „Телеграм“.
Кадиров коментарот на Соболев го нарече јасна провокација. Тој рече дека неговите војници главно биле муслимани и дека носеле бради како дел од нивната верска должност.
Шефот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, чиј раскол со одбранбениот естаблишмент станува сè поочигледен, коментарите на Соболев ги нарече „апсурдни“ и „архаизми од 60-тите“.
Кадиров и Пригожин, чии сили во Украина дејствуваат главно независно од високата команда, станаа поискрени во критиките кон руското воено раководство откако војската на Москва претрпе серија порази минатата есен.
Двајцата формираа премолчен сојуз интензивирајќи ја нивната меѓусебна критика на военото раководство и повикувајќи на пожестока војна, пренесе „Аваз.ба“.