Утрински Весник
Магазин

Каде исчезна Готје, пејачот чија песна ја испеа цел свет: на врвот на славата се повлече од јавноста

Белгиско-австралискиот музичар Воутер Андре „Воли“ Де Бејкер, попознат како Готје, го освои светот во 2011 година со песната „Somebody That I Used To Know“, која ја сними со пејачката Кимбра од Нов Зеланд.

Роден е на 21 мај 1980 година во Бриж, но во втората година се преселил со родителите во Австралија, каде што го поминал најголемиот дел од својот живот.

Првата песна „Out Here in the Cold“ ја објави во 2001 година, но светска популарност стекна 10 години подоцна, со споменатиот дует со Кимбра.

За оваа песна тие снимија впечатливо видео во кое двајцата стојат потпрени на ѕидот, додека полека се „прекриени“ со различни бои и геометриски форми.

Овој хит почна да го пеат музичари ширум светот, а беше број еден на листата на Билборд. Тоа му донесе престижни награди во светот на музиката, како Греми и БРИТ наградата.

Но, наместо да ја „искористи“ стекнатата слава, Готје се повлече од овој „проект“ и истакна дека најверојатно повеќе нема да објавува песни под овој псевдоним, па до сега остана на својата изјава.

Тоа не значи дека престанал да се занимава со музика, па сега е тапанар и пејач во бендот The Basics, а на социјалните мрежи промовира различни уметнички проекти преку кои се труди да го зачува наследството на разни музичари и се обидува во различни насоки и музички инструменти што веќе не се користат толку многу.

Тој беше во долгогодишна врска со пејачката Таш Паркер, а во 2018 година со партнерката Мода ја доби ќерката Леони, освен тоа малку се знае за неговиот приватен живот.

Интересно е што тој повеќепати има изјавено дека се интересира само за уметност, а не за продажба на музика, а тоа го поткрепува и со тоа што се откажал од 10 милиони долари хонорар од YouTube, а покрај тоа дозволил и делови од неговите песни да се користат потполно бесплатно, пренесува „N1“

Можете да прочитате

Судски спор околу „Hotel California“ на „Иглс“

Ќе се снимаат четири животни приказни за легендарните Битлси

Сателитот ЕРС-2 денеска паѓа на Земјата, можно е да се види и од Македонија