Утрински Весник
Свет

Израелците со двеминутно молчење им оддадоа почит на жртвите на холокаустот

20240506130638 Big 730x400 68.webp.webp

Израелците денеска одржаа двеминутно молчење за жртвите на Холокаустот, 80 години по убиството на шест милиони Евреи од страна на нацистите во Европа и Северна Африка.

Сирените се огласија низ Израел точно во 10 часот по локално време за комеморацијата на загинатите Евреи во Втората светска војна.

Пешаците и возилата запреа на улиците и главните автопати, а возачите и патниците излегоа со наведнати глави, јавија израелските медиуми.

По двеминутно молчење, почна церемонијата во Меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим по повод Денот на сеќавањето на жртвите.

Синоќа во Јад Вашем, на почетокот на одбележувањето на Денот на сеќавање на холокаустот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека денес, како и тогаш, пред осум децении, доколку Евреите бидат принудени сами да се спротивстават на непријателот, Израел ќе го направи тоа.

– Пред осумдесет години во холокаустот, еврејскиот народ беше целосно беспомошен против оние кои тежнееја кон наше уништување. Ниту една земја не дојде да ни помогне. Денес повторно се соочуваме со непријател кој сака да не уништи, рече израелскиот лидер, алудирајќи на меѓународно спротивставување на воената операција во Рафа во Газа, закани со потерници од Меѓународниот кривичен суд во Хаг и критики за однесувањето на израелската армија во борбите на палестинската територија.

Нетанјаху рече дека нема притисок, одлука, меѓународен форум што ќе го спречи Израел да се брани. Тој го отфрли меѓународниот притисок да се запре војната во Газа.

– Како премиер на Израел, една и единствена еврејска држава, ветувам овде од Ерусалим на Денот на сеќавањето на холокаустот, ако Израел биде принуден да стои сам, Израел ќе застане сам, рече израелскиот премиер и оцени дека Израел не е сам затоа што безброј достојни луѓе ширум светот ја поддржуваат каузата на земјата.

Тој го спомена и американскиот претседател Џозеф Бајден, велејќи дека американскиот лидер е посветен на одговорноста научена од холокаустот.

– На Денот на сеќавањето на Холокаустот, жалиме за шесте милиони Евреи кои беа убиени во едно од најтемните поглавја во човечката историја, објави Бајден на X, додавајќи дека ја повторува својата посветеност на лекциите од Холокаустот и ветувањето за „никогаш повторно“.

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година