Денес во Културно информативниот центар на Македонија во Истанбул, Турција во 19 часот ќе биде отворена изложбата на Беди Ибрахим со наслов Мојот дневник.
Творештвото на Беди Ибрахим во изминативе децении сведочи за импресивно мултимедијално творештво, каде е присутна основната идеја и мотив за концептот на неговите преокупации и личниот уметнички ракопис. Тој твори во различни медиуми и изразни ликовни дисциплини (цртеж, колаж, скулптура, слики-објекти, видео, инсталација…) кои се само алатка на визуелизација на концептуалните идеи за себе рефлектирањето каде визулниот мотив во концептуалниот уметнички дискурс станува метајазик или визуелен текст преку кои ги разјаснува своите мисли за уметноста како неограничен и бескраен простор на изразување, носи со себе автентинчост која е сублимат на автохтон-творечки транскрипт. Тој уметнички концепт е всушност емпириски багаж кој како непрекината нула и круг го изодуваме по беспаќата на еден, веќе во голема мера артифициелен свет.
Беди Ибрахим процесуирајќи и трансформирајќи ги видливите артефакти во нивната визуелна опсервација воспоставува современ дијалог со минатото, создавајќи надреалистички асоцијативни форми. Визуелната претстава (со асоцијативни белези) e своевиден симулакрум на мисловниот контекст и концепт произлезен од “лабораторијата” на Беди. Тој процес на редефинирање на видливата содржина во надреална е акцентиран со збиен психолошки набој и еклектицизам во неговата материјализација. Во имагинативниот вознес и надреалната перцепција секогаш е содржана реалноста.
Токму од тука, ми се чини дека започнува идејната нишка на Беди Ибрахим за оваа изложба насловена Мојот дневник. Тој одредува сопствена игра на чепкање по личните доживувања, настани и сеќавања и извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото создава визуелна фрагментирана археологија на меморијата. Во таа игра на визуелна нарација и интерпретација на меморијата се обединуваат приказната со ликовноста, фантазијата со реалноста, стварното со нестварното, измислицата со вистината… градејќи нови сликовни и наративни претстави. Оваа изложба всушност претставува “ослободување” на котвата што го држи минатото и пловењето кон иднината. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија.
Оваа изложба е составена од повеќе тематски целини (Птици, Гнездо, Порти…) присутни во творештвото на Беди Ибрахим чиј меѓусебен однос сочинува присоединување на микро наративите кои создаваат нова естетско концептуална целина – макро наратив со заеднички именител означен од авторот – “Мојот дневник”. Така се создава нова уметничка ситуација во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните и интимните приказни кои се колку лични, толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот. Изразот и аргументите од реалноста ја отсликуваат чистотата на сеќавањето, еден вид симболично резиме на сопствениот живот т.е. соочување со себе си.
Беди со необична смелост им пристапува на вечните дилеми кои ги прогонуваат уметниците, едната од нив е онаа: како е возможно да се репродуцира, на една површина, со молив или четкичка, глетка која стои пред нас? Тие лирични замрзнати глетки кои зрачат со топлина и хармонија, приказни затворени во две димензии, како некој шепот да излегува од нив, ни раскажуваат овие слики некакви приказни кои ни се од некаде познати, ни зборуваат за нешто што сме виделе или само насетуваме. Иако можеме да ги прифатиме и како наши, тоа се сепак премногу лични приказни раскажани од Беди, автентични и препознатливи, само негови…
И на крај, базична цел во ” Мојот дневник ” на Беди Ибрахим е да се изрази слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување на сопствената историја и нејзино естетско визуелно вообличување, како чин на себе спознанието…