Утрински Весник
Култура

Изложба на македонска илустрација „Дом без граници“ на фестивалот „Овца во кутија“ во Хрватска

Изложба на македонска илустрација „Дом без граници“ на фестивалот „Овца во кутија“ во Хрватска

Интернационалниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ организира изложба на четворица македонски илустратори што ќе биде отворена утревечер во 19 часот во Галеријата на ликовните уметници на Пазин, Хрватска. Ќе бидат изложени илустрации за деца на авторите Кристијан Јованоски, Наташа Андонова, Инес Ефремова и Надица Златкова, во рамките на програмата на 7. Меѓународниот фестивал на сликовница „Овца во кутија“. За делата ќе зборува Софија Семенпеева- Трајановска, основач на фестивалот, а на публиката ќе ù се претстави и илустраторот Кристијан Јованоски.

dobivaj vesti na viber

Избраните илустратори твореа на тема „Дом без граници“, што е всушност тема на годинашното издание на „Литера“. Слоганот потсетува дека домот не познава граници, дека го носиме со нас насекаде и дека можеме да го отвориме ширум за сите, велат организаторите:

– Домот е во срцето, во сјајот на детските очи, во слободата. Слободата е еднаква на фантазија. Фантазијата и нејзината волшебна моќ не‘ носат во возбудливиот и смел колорит на илустрацијата. Илустраторите, како и децата, веруваат во волшебни светови во кои домот е во секој од нас – стои во каталогот на изложбата.

Во рамките на нашето претставување вечерва во 18 часот ќе се одржи и презентација за македонската илустрација. За основоположниците на македонската детска илустрација, но и за современата сцена ќе зборуваат Семенпеева-Трајановска и Сребра Ѓорѓијевска.

Соработката меѓу „Литера“ и сродниот хрватски фестивал започна минатата година и продолжува уште поинтензивно преку меѓусебно претставување на

современите автори кои творат за деца. Пазин е значаен културен центар во срцето на Истра. На фестивалот „Овца во кутија“ доаѓаат најзначајните писатели, илустратори, издавачи и книжевни агенти од регионот.

Претставниците на фестивалот „Литера“ в среда ќе учествуваат и на тркалезна маса на тема „Зошто да се читаат сликовници?“ што ќе се одржи во стариот замок во градот.

Фестивалот „Литера“ го организира Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“. Организирањето на изложбата го помага Халкбанк АД Скопје, а е поддржано и од Министерството за култура.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“