Утрински Весник
Култура

Изложба на фотографии на Ема Кушевска и Михајло Филиповиќ

Изложба на фотографии на Ема Кушевска и Михајло Филиповиќ

На 15 септември (четврток) во 20 ч, во Галеријата Рудиќ ќе се отвори заедничката изложба на фотографии на Ема Кушевска и Михајло Филиповиќ – Фил, на тема „Над вода – под вода”.

dobivaj vesti na viber

Љубовта кон природата и фотографијата, особено кон водите, ги поттикна да избегаат од градот и веќе 12 години живеат на струшкото крајбрежје, крај езерото кое е вечна инспирација за секој уметник.
На овој навидум мал простор, тие секојдневно пронаоѓаат нови мотиви, го запознаваат богатството на ендемската флора и фауна, ги откриваат убавините на четирите годишни времиња, а лете подводниот свет на нашето прекрасно Охридско Езеро. Денот е прекраток, како што велат, да се регистрираат и овековечат сите случувања на малото по површина, но големо пространство со своите чудесии, од изгрејсонце до зајдисонце.

Фил, роден во Хрватска, професионален фотограф и нуркач ги замени солените јадрански води со слатката охридска и на оваа изложба ни го пренесува подводниот свет на тишината.
Ема, родена во Скопје, чија прва љубов е сликарството, овие 12 години својот уметнички порив го изразува преку објективот на својата камера. Иако и таа обожава подводна фотографија, на оваа изложба ќе се претстави со надводниот свет, онака како таа го доживува.

Ова е само мал дел од нивното творештво, во надеж дека во иднина повторно ќе имаат можност на јавноста да ѝ ги претстават своите дела.

Изложбата ќе трае до 8 октомври 2022 година.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“