Утрински Весник
Македонија

Избрани тројцата финалисти за XVIII награда „ДЕНЕС“ за 2024 за млад визуелен уметник до 35 год.

643573.webp.webp

Во изборот на тројца финалисти влегоа: Јован Јосифовски, Марко Гутиќ Мижимаков и Ивана Самандова.

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по осумнаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата ДЕНЕС за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години. Организторите од ФРУ Скопје информираат дека отворениот повик траеше од 16 април до 31 мај, 2024 година и се пријавија дваесетина кандидати. Во изборот на тројца финалисти влегоа: Јован Јосифовски, Марко Гутиќ Мижимаков и Ивана Самандова.

По овој процес на избирањето на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 19 ноември 2024 год. во Национална галерија на Република Македонија – Мала станица во Скопје, а жирито ќе го/ја избере и добитникот/добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во периодот август – септември, 2025 година.

Наградата „ДЕНЕС“ се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во 2025 година, од минатата година во која го одбележа и своето 20 годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции. ДЕНЕС исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Жири комисијата беше во состав: Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметничка со седиште меѓу Нови Сад и Виена, добитничка на наградата Димитрије Башичевиќ Мангелос во Србија во 2023 година; Ксениа Нурил, историчарка на уметност и кураторка, директорка на галеријата на реномираното уметничко училиште Art Students League од Њујорк, САД и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија и претседателка на АИКА – Македонија,

Досегашни добитници на наградата „ДЕНЕС“ се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

Можете да прочитате

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со Денис Беќировиќ, претседавач на Претседателството на БиХ

​Ваучери за спортски камп за најдобрите одбојкарки и ракометарки од училиштата во Кисела Вода

Тешко повреден 75-годишен маж во сообраќајка во Делчево