Утрински Весник
Македонија

Ивановска: По Кочани, ништо не се смени за една година системот остана ист

Img 1407.jpeg

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, упати сериозни критики за функционирањето на институциите, оценувајќи дека трагедијата од 16 март во Кочани претставува јасен показател за длабоки системски слабости.

Говорејќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ивановска посочи дека институциите со години биле предупредувани за неправилности, но без конкретна реакција.


„Ме погоди трагедијата на 16-ти март во Кочани. Ние имавме истражувања, анализа направена за скопски кафулиња, каде што сме утврдиле дека имало инспекциски надзори дека треба да бидат затворени, но биле отворени. Јасно е дека тука делувале некои центри на моќ коишто им овозможиле на тие локали да работат. Ги покажавме на јавна седница и ги испративме препораките до институциите, но никому ништо“, изјави Ивановска.

Таа потенцираше дека игнорирањето на ваквите наоди го обесмислува целиот институционален труд и ја руши довербата кај граѓаните.

„Нема почитување, не се вреднува работата, тоа е доволен аларм нешто да се направи. Зарем треба да изгори некој па после да имаме вонредни контроли? Па зошто имаме вонредни контроли? Затоа што немаме редовни! Ако системот функционира како што треба, тогаш нема што вонредно да се прави“, додаде таа.

На прашањето дали по една година има промени, Ивановска одговори кратко и јасно: „Не“.

Според неа, единствениот чекор што е направен е донесувањето на закон за забрана за употреба на пиротехника, додека во останатите сегменти, како што оцени, суштински напредок нема.

Можете да прочитате

Мицкоски: Продолжување на реформскиот процес со јасни рокови и конкретни резултати

Лабовиќ: Постојат дилеми кај нашата правна елита, аналитичарите и експертите во смисла дека нема систем

Ивановска: „Црната листа“ на САД се темели на докази од домашни институции