Утрински Весник
Свет

Ирански амбасадор: Ајатолахот е ранет, мислам дека е во болница и не може да одржи говор

Screenshot 2026 03 11 143310.jpg

Новиот ирански врховен лидер Моџтаба Хамнеи бил повреден во нападот на 28 февруари во кој загинале шест членови од неговото семејство, меѓу кои и неговиот татко, поранешниот врховен лидер ајатолах Али Хамнеи. Ова го потврдил иранскиот амбасадор на Кипар, Алиреза Саларијан, во разговор во амбасадата во Никозија, пренесува „Гардијан“.

Според неговите зборови, 56-годишниот Хамнеи се здобил со повреди во нападот кој целосно ја уништил резиденцијата на покојниот ајатолах во Техеран.


„И тој беше таму и беше повреден во бомбардирањето. Слушнав дека има повреди на нозете, дланката и раката и веројатно се наоѓа во болница“, изјавил Саларијан, додавајќи дека токму поради повредите новиот лидер сè уште не се појавил во јавноста.

Нападот се случил на првиот ден од воздушните удари врз Иран предводени од САД, а цел бил претседателскиот комплекс во центарот на Техеран. Во моментот на нападот, ајатолахот Али Хамнеи бил во својата резиденција со дел од семејството.

Меѓу жртвите се и сопругата на Моџтаба Хамнеи, Захра, како и неговиот син тинејџер Мохамад Багер. Иранските медиуми објавија и дека сопругата на Али Хамнеи, Мансур, починала три дена по нападот.

Во меѓувреме, се појавуваат различни информации за здравствената состојба на новиот врховен лидер. Јусеф Пезешкијан, висок владин советник и син на иранскиот претседател, потврди дека Хамнеи е повреден, но посочи дека е жив и стабилен. Ирански функционер за „Ројтерс“ изјавил дека се работи за полесни повреди и дека тој продолжува да ги извршува своите должности.

Изборот на Моџтаба Хамнеи за нов врховен лидер предизвика реакции и во меѓународната јавност. Американскиот претседател Доналд Трамп го оцени изборот како „неприфатлив“, додека Израел предупреди дека нема да се двоуми да изврши атентат врз него.

Западните разузнавачки служби сметаат дека новиот лидер засега намерно избегнува јавни појавувања поради страв од можни нови напади или обиди за атентат.

Можете да прочитате

Автомобил удри во безбедносната ограда на Белата куќа, улиците затворени

Израел: Војната против Иран ќе продолжи без временско ограничување

Захарова ги обвини ОН за „стратешко молчење“ по нападот врз училиште во Иран