
Резервоарите за вода што го снабдуваат со питка вода вториот по големина град во Иран, Машхад, се речиси целосно пресушени и имаат помалку од три проценти од резервите, пренесоа денеска локалните медиуми.
Иран годинава се соочува со најтешката суша во последните неколку децении, а во Техеран количеството врнежи, како што изјави еден локален функционер во октомври, е „практично без преседан во последните сто години“.
Од 31 иранска провинција, во 15 ниту еднаш не заврнал дожд оваа есен, поради што резервите на вода во Машхад сега се помали од три проценти, изјави за новинската агенција Исна, шефот на водоводната компанија на градот, Хосеин Есмаилијан.
Според локалните медиуми, резервоарите што се снабдуваат од браните околу Машхад содржат само околу 40 милиони кубни метри вода, додека во истото време минатата година таа бројка изнесувала околу 189 милиони кубни метри.
Во Техеран ситуацијата е особено критична, бидејќи градот се снабдува со вода од пет резервоари, од кои еден е целосно пресушен, а другите имаат само околу осум проценти од резервите, според податоците на властите.
Владата вчера соопшти дека ќе воведе периодични ноќни прекини на водоснабдувањето за да се заштеди вода.
Претседателот Масуд Пезешкијан во четвртокот предупреди дека Техеран би можел да биде евакуиран поради недостиг на дожд пред крајот на годината, без да објасни како би се спровела таквата операција.
Во Иран во моментов целосно се суви 19 поголеми вештачки езера, што претставува околу 10 проценти од вкупните водни резерви на земјата, јави во октомври новинската агенција Мехр.



