Утрински Весник
Свет

Иран го повика швајцарскиот амбасадор поради твит во кој ги осудува егзекуциите

Иран го повика швајцарскиот амбасадор поради твит во кој ги осудува егзекуциите

Иран во неделата го повика швајцарскиот амбасадор во Техеран како реакција на швајцарската осуда за егзекуцијата на тројца мажи поврзани со антирежимските протести, пренесува „Ал Арабија“.

dobivaj vesti na viber

Швајцарската амбасада во петокот објави твит во кој најостро го осуди погубувањето на Маџид Каземи, Салех Мирхашеми и Саид Јагуби претходно истиот ден откако во јануари беа осудени за убиство на припадници на безбедносните сили за време на минатогодишните протести во централниот град Исфахан.

Каземи, Мирхашеми и Јагуби биле прогласени за виновни за „мохаребе“ или „војна против Бога“ за користење оружје на демонстрациите во Исфахан, што резултирало со смрт на тројца припадници на безбедносните сили.

„Силно ги осудуваме егзекуциите утринава на тројца мажи во врска со протестите по смртта на Махса Амини во септември 2022 година. Швајцарија го повикува Иран да ги запре овие егзекуции и да преземе чекори за намалување на употребата на смртната казна“, Швајцарската амбасада во Иран напиша на Твитер во петокот по егзекуцијата.

Постот на амбасадата вклучува фотографија на Амини и знамето на Иран пред исламската револуција, што го разбесни Техеран.

Амини (22) почина на 16 септември 2022, набргу откако беше уапсена од полицијата за морал во Техеран за наводно прекршување на строгите правила за облекување на жените во земјата.

Нејзината смрт предизвика повеќемесечни национални протести против режимот кои на крајот стивнаа поради смртоносното задушување од страна на властите.

Според пишувањата на Фарс во кои е цитирано иранското Министерство за надворешни работи, швајцарскиот амбасадор бил повикан поради интервенционистичката позиција на Швајцарија како и поради непрофесионалниот  чин на објавување фотографија со лажно знаме.

„Таквата неконвенционална постапка е некомпатибилна со пријателските односи меѓу Исламската Република Иран и Швајцарската Конфедерација и треба да се коригира“, се вели во соопштението.

Егзекуциите во петокот беа осудени од западните земји и организациите за човекови права.

„Обвиненијата против погубените Иранци се засновани на неосновани наводи кои произлегуваат од признанија извлечени со тортура“, обвинија од „Амнести интернешенел“.

 

Можете да прочитате

Мнозинството Европејци оптимисти за иднината на ЕУ 

Лавров: Зеленски и Кулеба зборуваат спротивно за перспективата на преговорите со Русија

Блинкен се сретна со својот кинески колега Ванг Ји во Лаос