Утрински Весник
Македонија

Интервју со професор Горан Ајдински: УКИМ заслужува многу повеќе

Интервју со професор Горан Ајдински: УКИМ заслужува многу повеќе

Професоре Ајдински, Вие сте познат во универзитетскатa и пошироката јавност како успешен декан во два мандати на еден од најголемите факултети, Филозофскиот факултет во Скопје. Познат стручњак во својата област дефектологија, а за нас новинарите и како човек кој што секогаш е достапен за разговор. Професоре, темата за рангирањето на универзитетот била отсекогаш актуелна, но во последниве години, некако како да доминира во споредба со останатите теми во високото образование. Што се случува со рангирањето, зошто околу оваа тема постојат постојани несогласувања на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, и какво е вашето видување?

dobivaj vesti na viber

Темата со рангирањето на универзитетите од секогаш била актуелна тема, но се сложувам, не толку како во последниве години. Има објаснување зошто тоа е така. До 2016 година нашиот Универзитет одржуваше одреден континуитет на раст на светските ранг-листи, но потоа започна со неговиот пад. Факт е дека на некои листи, како што е на еминентната листа на SCImago, тој закрепнува и полека се искачува на ранг-листата. Но, за жал, место за задоволство, а уште повеќе за бомбастични изјави дека се случил не знам каков напредок, едноставно нема. Анализирајте го само графиконот од достапните податоци на официјалната страница на SCImago, од 2009 до денес. Може да видите дека УКИМ од 814 место во 2009 година, во мандатот на претходните ректорски управи до 2016 година, за седум години се искачи на 629 место (покачување за 185 места). На светските ранг-листи од калибарот на SCImago, ова е сериозен напредок. Меѓутоа, во периодот од 2016 до 2020 додина, за четири години, УКИМ падна на 734 место (пад за 105 места). Факт е дека со последното рангирање има подобрување, но сеуште УКИМ не е на нивото на кое што беше во 2016 година. Навистина, како професор не знам како да реагирам, кога ќе слушнам коментар, дека е добро тоа што УКИМ напреднал на ранг-листите, па уште се праќаат мејлови до сите професори, дека напорите на менаџментот на УКИМ вродиле со плод итн. За каков напредок треба да зборуваме, ако не може да го продолжиме конитунитетот, напредокот и развојот на Универзитетот, ако не успееме да ги задржиме позициите на ранг-листите од времето кога можевме да се пофалиме дека сме едни од најдобрите во регионот. Но, не зборуваме само за SCImago. Видете ги и другите ранг-листи (CWUR, Webometrics и др.).

Ова што Вие го кажувате, навистина заслужува внимание. А што се случува, кој всушност се занимава со оваа проблематика?

Тоа не го кажувам јас, тоа го кажуваат јавно објавените податоци. Јас само се обидувам да ги интерпретирам и да си дадам самиот објаснување што се случува на УКИМ.

Вообичаено, ако има некој напредок на некоја ранг-листа, официјално професорите добиваат честитки по мејл и некој сака да си припише заслуга за напредокот и тоа е во ред. Но кога оди УКИМ надолу, тогаш со тоа се занимаваат повеќе луѓе и започнуваат објаснувања дека базата на податоци не била релевантна, дека се сменила методологијата на рангирање, дека не знам што уште не се случило. И накратко, секаде може да има грешка, освен кај нас.

А дали навистина може да се случи грешка на ранг-листите?

Веројатно може и грешки се случуваат. Но, она што мене лично ми пречи, е тоа што секогаш грешката се бара кај другиот, и секогаш прашањето се сведува на тоа да се мобилизираат што е можно поголем број „експерти“ експресно да објаснуваат дека УКИМ е супер и се е како што треба. Ние сме академска средина, и треба да користиме академски методи. Доколку некој има документирани докази, дека во некоја ранг-листа се случила грешка, има начин како тоа да си исправи. Се праќа писмо до институцијата која што го извршила рангирањето, со барање за корекција, а не соопштенија до професорите и јавноста, со различни објаснување и убедувања. Со секое објавување на некое јавно веќе публицирано рангирање, ситуацијата се повторува. Последниов пат не убедуваа дека базата на податоци Google Scholar не била релевантна и слични небулози. Ако оваа база е нерелавантна, зошто сите во февруари 2021 година добивме писмо од ректорот задолжително да отвориме профил во три бази, меѓу кои и Google Scholar? И ако не е релевантна, зошто некои од тие што тоа го тврдат, не им пишат на Google и не им кажат дека базата не им чини?

Може ли да ни кажете поконкретно зашто толкава полемика околку базите на податоци, каква е нивната улога во рангирањето?

Денес во светот постојат голем број на институции кои што вршат рангирање и имаат своја ранг-листа. Има многу, но можам да ви набројам барем десеттина кои што ги следам (Schangai, QS World University Rankings, Times Higher Education Ranking, Scimago, CWUR, Multiranking, RUR, AD ranking, Webometrics итн.). Кога институциите вршат рангирање, тие не Ве познаваат ниту Вас, ниту мене, ниту моите колеги, туку тие повлекуваат податоци за тоа што е предмет на рангирањето, согласно методологијата на рангирањето, од некоја база на податоци. На пример базата на Google Scholar ја користат Webometrics, AD Ranking и други, Scimago ја користи Scopus. Но, најголемиот број на институции за рангирање ги користат Google Scholar и ResearchGate. Основното правило на секој што сака да врши рангирање, е јасно да ја објави методологијата на рангирање и базата на податоци (или базите) кои што ги користи. И тука нема ништо нејасно. Нема правило дека еден ист универзитет на различни ранг-листи треба да биде на иста позиција. Друго е прашањето какви податоци од Универзитетот ние сме внеле во тие бази, дали податоците од нашите професори постојат само под името на УКИМ или и под друго име, големината на универзитетот, што секако има влијание во рангирањето и др. Уште еднаш да потенцирам, никогаш не треба апсолутно да се исклучи постоење на грешка, но ако состојбата со Универзитетот е слична на сите ранг листи, не сум убеден дека сите грешат. Што и да е причината, ректорот и проректорите требаше да го отворат ова прашање, со една поширока консултација и дебата, во најмала рака, не само со сегашната ректорска гарнитура туку и со поранешните декани и ректори кои сигурно ќе дадеа значајни совети и мислења.

Ајдински говори и за рангирањето

Зошто за еден универзитет е важно да биде добро рангиран?

За рангирањето можеме долго да полемизираме, дали и колку е тоа важно. За еден универзитет пред сè е најважно тој да биде добар универзитет кој што ќе работи и ќе придонесува за развојот на државата. Но, рангирањето е битно за меѓународно легитимирање на универзитетот. Кога конкурираме за некој меѓународен проект, кога аплицираме во некоја асоцијација, за некој конзорциум, за некоја позиција и сл., секогаш, тој од спротивната страна сака да види, едноставно кажано, со кого си има работа. Затоа е битно УКИМ да биде добро рангиран. Рангирањето само по себе нема веднаш да ни донесе финансии и да ни ги реши сите проблеми на Универзитетот, но ќе ни даде повеќе можности. Ние можеме безброј пати да повториме, дека сме најстар, најдобар, најголем, но без меѓународна потврда сето тоа многу не ни вреди. Зашто не е доволно да си најстар и најголем, туку како таков треба да бидеш и најпрогресивен и најавангарден, во истражувањата, во идеите, во проектите.

Професоре, ги споменавте финансиите. Скоро прочитавме една изјава дека кога ќе се покачат платите на професорите, ќе се подобри рангирањето и состојбата во науката. Дали финансиите се клучот на решавање на проблемот?

Не знам на која изјава мислите, јас исто така прочитав една изјава дадена во врска со покачувањето на платите, што воопшто не ми се допадна и имам се разбира за тоа поинакво мислење. Платите се плати, а финансирањето на науката е финансирање на науката. Каква врска има ниската плата со лошото рангирање на универзитетот? Незначителна, иако знаеме дека не може да има мотивација кај наставниот кадар за работа без солидни примања. Во овој случај потребна е поголема посветеност, да не кажам преговори и притисок за да се избориме за поголеми примања на релација Ректорат и МОН. Но тоа е нешто друго.

Ако некој кажува дека платите на професорите треба да им служат за покривање на трошоци за објавување на трудови, тогаш нема за што да разговараме. Тој што тоа го кажува нема доволно познавање на системот. Финансирањето на науката треба да се решава одделно од платата. Ниту ако се покачи платата ќе се покачат средствата за наука, ниту пак ако се зголемат средствата за наука, ќе се покачат платите. Независно за кој универзитет станува збор, должност е на секој ректор, проректор за финансии, па и ректорска управа, да се борат за двете.

Професоре Ајдински, би сакале да ја искористиме приликава да Ве прашаме и за последната актуелност на Универзитетот. Како што ни е познато, деновиве започна постапката за избор на нов ректор на Универзитетот за нареднниот мандатен период. Имате ли сознанија колку кандидати за ректор ќе има на овие избори? И да бидеме директни, планирате ли Вие да се кандидирате?

Бидејќи ме прашавте директно, така и ќе Ви одговорам. Да, планирам да се кандидирам.

Ајдински ќе биде кандидат за ректор, открива за „Макфакс“

Може ли барем накратко да ги слушнеме Вашите мотиви за кандидатурата?

Секако, иако во оваа фаза не би сакал да отворам теми за кои што треба повеќе простор. Но, тоа што би можел да кажам е дека на УКИМ сум вработен скоро три децении и за жал (а тоа не е само моја перцепција), УКИМ веќе повеќе години не е оној УКИМ кој што заеднички го градевме, кој што заеднички го чувавме, се гордеевме со него и се радувавме на секој успех. Не е тоа веќе УКИМ полн со задоволни студенти и професори. Јас, повеќе пати, за многу прашања, настапував критички и тоа можеби на некому не му се допаѓаше, иако конструктивните спротивни мислења се тие што ги придвижуваат работите напред. Сето тоа беше со цел колку што можам да влијаам работите да се поправат. За жал, тие не одат во добра насока. Од позиција на ректор, сакам да го дадам својот придонес и да го ставам на располагање своето долгогодишно искуство како наставно-научен работник и поранешен декан, со заеднички сили да го вратиме УКИМ таму каде што беше и каде што припаѓа – меѓу најдобрите универзитети, респектиран од сите, отворен универзитет, препознатлив на меѓународен план. Ќе биде навистина тешко, но мора да направиме многу повеќе за нашиот универзитет.

Што се однесува до другиот дел од Вашето прашање, дали ќе се јават други кандидати и кој ќе се јави, навистина не би знаел да Ви кажам, затоа што конкурсот е отворен и секој има право да се кандидира. Кога велам има право, мислам на законското право. Додека ако говорам за етичкото и моралното, тогаш би рекол дека било кој, којшто учествувал директно или индиректно во назадувањето на УКИМ премногу би било да го бара гласот од професорите и студентите.

На УКИМ му требаат промени.

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!