Утрински Весник
Македонија

Интервју со Насе Насев: Младите да го искористат правото на глас за да имаме што повеќе млади претставници во Собранието

Nasenasev.jpg

Насе Насев е млад политичар кој е на почетокот на својата кариера преку подмладокот на владејачката СДСМ. Во интервју за 24инфо, тој открива кој е приватно, кои се неговите цели и што неговата политичка партија им нуди на малдите на претстојните избори.

Вие сте Секретар за меѓународна политика на СДММ и кандидат за пратеник на претстојните избори, но кој е Насе Насев приватно?

Голема чест е да се има можноста да бидете дел од листата за кандидати за пратеници, особено за млад човек како мене. Јас сум дел од Социјалдемократската младина, кадешто последните две години ја извршував функцијата Секретар за меѓународна соработка. Во тој период имав прилика да бидам дел и да организирам многубројни меѓународни настани каде се здобив со нови знаења и искуства, нови познанства со млади луѓе од различни делови на светот со кои сега сум и во приватна комуникација, а тоа е нешто кое за мене претставува големо богатство. 

Студиите ги завршив на Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, на насоката Европски Студии. Таму стекнав знаења и искуства кои навистина ми помогнаа да се изградам како личност. 

Приватно, љубител сум на добра музика, особено на „АЗРА“ и „Џони Штулиќ“  кои за мене имаат посебно место пред сите други. Освен музиката, од секогаш сум сакал да готвам италијанска храна, да излегувам со моите пријатели и да поминувам време со најблиските. Една од работите кои можеби ми недостасува најмногу е чорбата која ја јадевме со татко ми скоро секоја сабота или недела, а за жал тоа не го правиме веќе толку често. 

Што СДММ има направено за младите во изминатите години?

Социјалдемократската младина е дел од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и има 33% застапеност во сите тела и органи на партијата. Со тоа, младите се целосно вклучени во работата на партијата. Изминатите неколку години СДММ преку СДСМ, која ја водеше Владата, воведе исклучително значајни мерки за младите во многу области. Може да ги споменеме: Гаранцијата за млади која опфати над 80.000 млади луѓе, а притоа сме прва земја надвор од ЕУ која ја воведува мерката, Субвенционираниот студентски оброк кој опфаќа над 40.000 студенти, зголемувањето на стипендиите и враќањето на стипендиите за втор циклус студии, намалувањето на невработеноста на рекордно ниво, младинскиот додаток за сите вработени до 23 годишна возраст кои работат во производствена индустрија, грантовите за самовработување за млади, грантовите за млади земјоделци и последните пакет антикризни мерки со кои над 100.000 ученици и средношколци ќе добиваат по 1200, односно 1800 денари месечно, ваучери за студенти кои не студираат во градот кадешто се родени.

Ова е само дел од истакнатите мерки кои СДММ преку СДСМ ги воведе во интерес на младите. Според мене, една од клучните работи кои СДММ успеа да ги направи за младите е тоа што им овозможи рекорден број на млади претставници во општинските совети како и застапеноста која ја имаме на листите за пратеници. Се разбира дека секогаш можеме и треба да имаме уште повеќе претставници, но сметам дека е одлично тоа што младите имаат свои гласноговорници преку кои директно се борат за своите права и потреби.

И покрај сите мерки, сепак младите се уште масовно се иселуваат од државата, што треба да се направи повеќе за тие да се решат да останат тука?

Трендот на иселување на младите од државата постои веќе подолг период, но сметам дека е време да ги вложиме сите напори за трендот да запре. Тоа можеме да го направиме само ако вложиме и се фокусираме на некои клучни области како што се образованието, здравството, дигитализацијата и оптимизацијата на државната администрација, помагањето на младите претприемачи да можат да градат бизниси каде сѐ повеќе млади би се вработувале со високи и достоинствени плати. Целта е да се вложи во младите и да се зголеми нивната конкурентна способност на пазарот на трудот. Младинскиот стандард е во фокусот на Социјалдемократската младина и според мене ова е начинот на кој најефективно можеме да се справиме со тој проблем.

Со каква Програма ќе ја барате довербата од гласачите на претстојните избори?

Како и секои Парламентарни избори, Социјалдемократскиот сојуз има своја програма со која ќе настапи на изборите. Во неа се вклучени нисклучително важни мерки за младите. Има сосема нови мерки за кои ќе имате можност да слушнете, но има и подобрување и засилување на мерки кои веќе ги воведовме. Предлагаме мерки како што се бесплатен оброк за учениците и бесплатни едукативни екскурзии за петтоодделенците за подобро запознавање на Македонија и „Запознај го регионот“ за деветтоодделенците, со посети во сите соседни држави во регионот и градење на добрососедство со нив. Треба да ги споменеме и мерките „Среќен почеток“ која ќе овозможува 6000 денари од државата за секое прваче и 9000 денари за секој средношколец, како и мерката која предвидува удвојување на квотите за упис на факултетите и укинување на партиципацијата за студирање на медицинскиот, стоматолошкиот и фармацевтскиот факултет. Можеби едни од најатрактивните мерки се оние кои предвидуваат 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 годишна возраст и проектот „Грижа за младите – Станови за млади брачни парови“, кој предвидува изградба на комерцијални станови за млади лица чија цена ќе биде делумно субвенционирана од Владата. 

Ова се само мал дел од решенијата кои СДСМ ги нуди на изборите, а младите се опфатени во сите мерки кои ги предлага СДСМ, не само тие кои конкретно ги таргетираат нив. Затоа, можам да кажам дека СДСМ нуди програма која не само што дава исклучителни напори да ги задржи младите тука, туку и да создаде услови во кои младите ќе просперираат и ќе живеат во европска држава. Се разбира, главната цел секогаш е и ќе биде членството во ЕУ, а со тоа младите најмногу добиваат. Покрај мерките кои СДСМ ги нуди во својата програма, ние младите создадовме и наш политички Манифест, кој се базира на седум основни столба. Во изработката на тој документ беа вклучени околу сто членови на Социјалдемократската младина, а сега веќе е започната презентацијата и промоцијата на истиот, ширум државата. Целта на промоцијата не е само да ги запознаеме младите со Манифестот, туку и да добиеме колку што е можно повеќе повратни одговори, мислења и предлози за да може на крај да добиеме еден затворен документ кој служи како темел врз кои социјалдемократската младина треба да ги базира своите политики во годините што претстојат. 

Пред нас се двојни избори, а многу млади за првпат ќе излезат да гласаат, што имате да им порачате на оние кои за првпат ќе имаат можност да застанат зад параванот на денот на изборите?

Како и во светот, така и кај нас младите стануваат се попасивни кога доаѓа збор за политиката. Јас како млад човек, се активирав во СДММ од идеолошки причини, но и заради тоа што сметам дека има многу работи кои треба да се променат за да живееме во општество какво што заслужуваат младите. Сега ја добив и приликата да бидам кандидат за пратеник и доколку бидам избран ќе можам да го направам токму тоа и директно да бидам вклучен во носењето на промените. Политиката се занимава со секоја област во општеството. Сите имаат право на избор, но најважно од сѐ е младите да бидат општествено вклучени за го добијат општеството кое го заслужуваат. Затоа, секој еден млад кој има право на глас треба да го искористи правото, преку кое може да ги добие тие млади претставници кои ќе се борат во Собранието за нивните права и за нивните потреби. Ние сме тие кои ќе ја донесат промената што сите ја бараме и ќе создадеме општество какво што заслужуваме!

Можете да прочитате

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри