Утрински Весник
Економија

Институтот „Ифо“: Германија ќе се соочи со рецесија во 2023 година

Институтот „Ифо“: Германија ќе се соочи со рецесија во 2023 година

Економијата на Германија ќе се намали во 2023 година бидејќи драматичното зголемување на трошоците за енергија поради руско-украинската војна ги намали изгледите за закрепнување од пандемиската криза, соопшти во понеделникот институтот „Ифо“.

dobivaj vesti na viber

Во јуни институтот прогнозираше дека економијата ќе порасне за 3,7 проценти следната година за 2023 година, а сега предвидува дека активноста ќе падне за 0,3 проценти.

Истовремено, тој значително ја зголеми прогнозата за инфлацијата во 2023 година, за шест процентни поени, на 9,3 отсто, пишуваат германските медиуми.

Годинава, според последните проценки на институтот, економијата треба да порасне за 1,6 отсто. Во јуни Институтот прогнозираше стапка на раст од 2,5 отсто. Инфлацијата годинава треба да изнесува 8,1 отсто и да биде повисока за 1,3 процентни поени отколку што предвидуваа во јуни.

„Намалената понуда на гас од Русија во текот на летото и последователно драстичното зголемување на цените го уништуваат економското закрепнување по пандемијата на коронавирус“, рече Тимо Волмерсхаузер, шеф на економските прогнози во „Ифо“.

Првиот квартал од 2023 година ќе биде особено тежок за потрошувачите бидејќи добавувачите на енергија ги приспособуваат цените поради високите трошоци за набавка, што ќе ја поттикне инфлацијата на околу 11 проценти, соопшти институтот.

Тоа ќе значи намалена куповна моќ на домаќинствата, предупредува „Ифо“ и додава дека владиниот пакет ќе го ублажи ударот, но нема целосно да го амортизира.

„Загубата на куповната моќ, мерена со падот на реалните плати по глава на жител од околу три отсто оваа и следната година, е најголема од воведувањето на сегашниот систем на национални сметки во 1970 година“, рече Волмерсхаузер.

Во текот на следната година, растот на цените треба постепено да ослабне, под претпоставка дека ќе има доволно гас во текот на зимата, забележува „Ифо“, додавајќи дека цените на енергетските производи треба да почнат да паѓаат најдоцна во пролетта 2023 година.

Во 2024 година економијата треба да порасне за 1,8 отсто, а цените за 2,5 отсто, пресметал институтот.

Можете да прочитате

Зајакната меѓународна соработка: УЈП и турските даночни власти потпишаа Меморандуми за разбирање

СДСМ: Само Мицкоски убаво живее, реалноста е дека економијата е на колена а стандардот на граѓаните урнат

Огњен Лазиќ ја презема функцијата генерален директор на Пивара Скопје