Утрински Весник
Македонија

Инспекторатот предвиден со Законот за употреба на македонски јазик е далеку од формирање

Pravopis.jpg

Откако во јануари 2024 година беше донесен Законот за употреба на македонскиот јазик, требаше да се формира и соодветен инспекторат задолжен за законската примена.

Иако рокот за формирање беше шест месеци, тој и една година по носење на Законот е далеку од формирање.


Претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска Маџоска, во изјава за Трн.мк вели дека поради изборите не се објавуваа конкурси за избор на директор и инспектори за потребниот инспекторат.

Имплементацијата бара формирање на инспекторат со пет члена (директор и четворица инспектори), кои ќе вршат контрола во институциите, медиумите и издавачките куќи.

„Без инспекторатот, кој е правно тело, ништо не може да започне. Тие ќе бидат одговорни за инспекциски надзор и за санкционирање на оние кои не го почитуваат законот“, вели Груевска Маџоска.

Според Елена Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, главниот предизвик во реализација на Законот, беше доцнењето во формирањето на Советот за македонски јазик, кој започна со работа дури во декември минатата година. Од тој момент, потребни се дополнителни чекори за целосно регулирање на неговата примена.

Грујовска истакнува дека е неопходно сите државни и јавни институции, како и локалните самоуправи и медиумите, да вработат лиценцирани лектори.

„Лекторот мора да биде вработен, не само ангажиран. Тоа е клучно бидејќи само така ќе се сноси одговорност за квалитетот на извршената лектура,“ вели Грујовска. Таа додава дека новото тело што треба да биде формирано ќе врши инспекција и контрола на лектурите, за разлика од минатото кога се проверуваше само дали има лекторска лиценца, но не и квалитетот на работата.

Законот за употреба на македонски јазик предвидува и санкции за прекршителите, со казни од 1.500 до 3.000 евра, а во случаи на злоупотреба, може да се иницира и одземање на лиценците на лекторите.

Можете да прочитате

До крајот на седмицава ќе имаме температурна инверзија: Котлините под густа магла и многу ладно време, на другите места значително потопло

Очекувањата од староновиот американски претседател

Глуп си како точак – му рече Најчевска на Богојески и го напушти студиото