Утрински Весник
Македонија

Индија гледа кон Македонија – најавена соработка во вештачка интелигенција, фармација и туризам

750903949 4103914093234764 398043383626230093 n.jpg

Македонија и Индија отвораат ново поглавје во билатералните односи со фокус на економската соработка, инвестициите, дигиталната трансформација и новите технологии, порачаа претседателките Гордана Сиљановска-Давкова и Друпади Мурму на заедничката прес-конференција по повод првата официјална посета на шеф на индиската држава на земјава.

Сиљановска-Давкова истакна дека иако политичките односи меѓу двете држави се традиционално добри, дојдено е време економското партнерство да го достигне нивото на политичката соработка. Таа нагласи дека Македонија може да биде влезна точка за индиските компании на европскиот пазар, благодарение на својата геостратешка положба, квалификуваната работна сила и поволниот пристап до европските пазари.


Претседателката посочи дека двете земји имаат голем потенцијал за соработка во автомобилската индустрија, фармацијата, здравството, информатичките технологии, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија и напредното производство. Според очекувањата, во следните пет години билатералната трговска размена би можела да достигне половина милијарда американски долари.

На средбата било разговарано и за вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања и соработката меѓу универзитетите.

Сиљановска-Давкова потсети и на историските врски меѓу двете држави преку Движењето на неврзаните, како и на духовната поврзаност преку Света Мајка Тереза, родена во Скопје, која својот живот го посвети на народот на Индија.

Индиската претседателка Друпади Мурму оцени дека нејзината посета ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете држави и најави продлабочување на соработката во информатичките технологии, земјоделството, преработката на храна, фармацијата, туризмот, угостителството и аудиовизуелните уметности.

Таа ги претстави и глобалните иницијативи на Индија поврзани со соларната енергија, биогоривата и отпорноста на инфраструктурата при природни катастрофи, нагласувајќи дека Македонија може да има значајни придобивки од приклучувањето кон нив.

Една од највпечатливите пораки од посетата беше најавата за подарок од индискиот народ за македонските граѓани – биста на Махатма Ганди, која ќе биде поставена во Музејот на Град Скопје како симбол на пријателството и заедничките вредности на двете држави.

Двете претседателки разговарале и за актуелните геополитички предизвици и потребата од реформи во системот на Обединетите нации, при што се согласиле дека е неопходен порепрезентативен Совет за безбедност и посилна улога на Генералното собрание.

Можете да прочитате

Срушен јарболот со македонското знаме во Скопје

Уапсени двајца мигранти од Авганистан, краделе по Гевгелија

ДОМ: Идентификувањето на виновниците во Гостивар не смее да го амнестира системот кој ја дозволи катастрофата