Поранешниот пакистански премиер Имран Кан денеска беше обвинет за нелегална продажба на државни подароци за време на неговиот мандат како премиер помеѓу 2018 – 2022 годинa.
Кан беше уапсен вчера за време на сослушувањето во судот во Исламабад, каде се појави под обвинение за повеќе случаи на корупција, пренесе АП.
Неговата партија Терек-е-Инсаф соопшти дека Кан бил уапсен во просториите на судот од агенти на Националното биро за одговорност, државното тело за борба против корупцијата.
Висок партиски функционер, Фавад Чаудри, објави дека Кан бил влечен од судот и дека владини агенти го одвлекле во полициско возило и сега е во притвор.
Тој го опиша апсењето како „киднапирање“.
Официјални лица од антикорупциското тело рекоа дека Националното биро за одговорност издаде налог за апсење на Кан минатата недела во посебен случај за корупција и дека налогот не предвидува кауција.
Кан беше сменет со гласање недоверба во април минатата година.
Тој тврдеше дека неговото соборување е незаконско и заговор на Западот и водеше кампања против владата на неговиот наследник, премиерот Шабаз Шариф, барајќи предвремени избори.