Утрински Весник
Македонија

Илија Димовски за уставните измени: Владата мора да сноси одговорност оти прифати обврска што е во надлежност на Собранието

Димовски: ниту со Уставот, ниту со Деловникот не е предвидено каква било работна група за пишување уставни амандмани

Поранешниот пратеник во Собранието, Илија Димовски пред утрешната седница за уставните измени во Собранието, вели дека Владатата ги надминала своите ингеренции, го прекршила Уставот и мора да сноси одговорност бидејќи со обврската за уставни измени презела нешто што не е во нејзина надлежност.

dobivaj vesti na viber

„Владата не смее да врши политички притисок врз Собранието. Владата немаше право надвор од своите ингеренции да прифати обврска за промена на Уставот. Тоа не е во нејзина надлежност. Тоа е во исклучива и единствена надлежност на Собранието на Република Македонија. Тоа е исто како вие да продавате имот на вашиот комшија, а комшијата не ви дал никакво полномошно за тоа“, вели Димовски.

Додава дека Европската Унија не го наметна условот за внес на Бугари во Уставот.

„Европската Унија го прифати билатералниот Протокол помеѓу Република Македонија и Република Бугарија со кој Министерството за надворешни работи превзема билатерална обврска пред Бугарија за внесување на Бугарите во Уставот на Република Македонија.
Европската унија тој билатерален Протокол го внесе во преговарачката рамка и стана европска обврска за нас. Протоколот со Бугарија е потпишан од страна на Министерот за надворешни работи Бујар Османи. Протоколот предвидува обврска за Собранието на Република Македонија, кое Бујар Османи ниту го претставува, ниту смее во негово име да превзема обврски“, образложува Димовски.

Тој вели дека Протоколот, по својата содржина, излегува драстично надвор од самиот Договор за пријателство и соработка со Бугарија и за државата создава огромни обврски. Таквиот протокол ниту беше, ниту смее да биде предмет на ратификација од Собранието на Република Македонија, вели Димовски.

Заклучува дека овој Протокол (заедно со Протоколот потпишан во 2019 година) е сериозен проблем кој не решава, туку очигледно создава нови конфликти.

„Одговорноста на Министерот за надворешни и на Владата за превземени обврски надвор од своите овластувања не смее да биде обврска за Собранието. Собранието мора да го одбие ова анти-државно и анти-уставно однесување на Владата и да создаде услови за нејзина одговорност“, додава поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Можете да прочитате

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм