Утрински Весник
Култура

„Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски е меѓу топ трите книжевни настани во светот

„Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски е меѓу топ трите книжевни настани во светот

Книгата „Идентитетот е приказна” од Иван Антоновски, објавена од издавачката куќа „Полица” по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски, се најде во изборот на топ трите книжевни настани во светот минатата недела, според изборот на интернет-страницата на специјализираниот журнал „Асимптот”.

dobivaj vesti na viber

„Стефановски работеше претежно во сферата на театарот и филмот, а „Идентитетот е приказна” претставува детална анализа на неговото есеистичко творештво, фрлајќи ја потребната светлина врз дел од неговиот опус на кој претходно не му беше посветено големо внимание”, пишува меѓу другото во освртот на страницата на „Асимптот”.

Во претставувањето на топ трите книжевни настани во светот минатата недела, на страницата на „Асимпотот” е истакнат и влогот на Стефановски во драмата, додека за книгата „Идентитетот е приказна” е нагласено дека носи нова светлина во вреднувањето и на неговото културно наследство и дека на јавноста ѝ открива важни аспекти за творештвото на овој култен автор. Покрај објавувањето и првата промоција на книгата за есеите на Стефановски, во изборот на „Асимптот” се издвоени и настани од Чешката Република и Индија.

Книгата „Идентитетот е приказна” се смета за исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура. Како што е посочено во освртот на „Асимптот“, таа за првпат беше достапна пред читателите на 4 октомври, а на 15 октомври се случи нејзината прва промоција за која во освртот на страницата на журналот има и подетални информации. Во освртот се претставени и дел од досегашните оцени на македонската критика за „Идентитетот е приказна“, а е нагласен и воопшто големиот интерес за оваа книга, која всушност е и прва студија во целост посветена на есеистиката на Горан Стефановски.

Инаку, „Идентитетот е приказна”, издавачката куќа „Полица” ја објави во соработка со Здружението за промоција и сочувување на културното наследство на Горан Стефановски. Во неа, покрај студијата на Антоновски е објавен и последниот, тестаментален есеј на Стефановски, „Искрата што се измолнува: наративи помеѓу чеканот и наковалната”, од кој е и цитатот што е испишан врз плочата во т.н. „Гораново катче”, кое беше отворено неделава на Универзитетот „Крајстчрч” во Кентербери, Англија.

Како што и претходно беше соопштено, книгата „Идентитетот е приказна“ е достапна за читателите во книжарницата на „Полица“ во центарот на Скопје, а наскоро се очекува да ја има и во другите поголеми книжарници во земјата.

Реномираниот електронски журнал „Асимптот” со седиште во Сингапур, доминантно е посветен на преводот на светската книжевност и е основачки член на мрежата за книги на британскиот весник „Гардијан”, со неделно претставување нови книжевни преводи кои може да ги прочитаат пет милиони претплатници. Во 2015 година, на Лондонскиот саем на книгата, „Асимптот” ја има добиено Наградата за меѓународна иницијатива за книжевен превод. Досега во журналот се објавени книжевни дела од 121 земја на 103 јазици.

Освртот за книгата „Идентитетот е приказна” од Иван Антоновски објавен на интернет-страницата на „Асимптот” во приказот на топ трите книжевни настани во светот минатата недела е на Софија Поповска. Со ова, Македонија за првпат се најде во изборот од топ три книжевни настани што го објавува овој реномиран журнал.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“