
Локалната иницијатива „И Здравје и Работа“ смета дека Македонија се наоѓа пред важен избор – дали ќе продолжи да стои во место додека соседните држави забрзано инвестираат во економски развој, или конечно ќе почне да ги користи сопствените потенцијали за отворање нови работни места и подобар животен стандард за своите граѓани.
Во период кога Грција и Бугарија отвораат нови рудници, инвестираат во критични минерали и привлекуваат стотици милиони евра капитал, Македонија сè уште нема јасна развојна насока за еден од своите најголеми индустриски потенцијали – проектот за рудникот за бакар „Иловица-Штука“. Наместо сериозна дебата за економскиот развој, јавноста со години е сведок на политички препукувања, популизам и блокади кои ги одвраќаат инвестициите и ја зголемуваат неизвесноста.
Во исто време, демографската слика на државата станува сè позагрижувачка. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека Македонија продолжува да бележи негативен природен прираст. Бројот на починати е значително поголем од бројот на новородени, а трендот на намалување на населението продолжува од година во година.
Особено загрижува состојбата во источниот и југоисточниот дел на државата. Голем број населени места се соочуваат со стареење на населението, заминување на младите и недостиг на нови инвестиции. Селата и помалите градови полека остануваат без работоспособно население, а локалните бизниси се соочуваат со недостиг на кадар и ограничени можности за развој.
Токму затоа сметаме дека Македонија мора да почне да носи одлуки кои ќе создаваат перспектива. Не зборуваме за развој по секоја цена, туку за развој со строги правила, силни институции и највисоки еколошки стандарди. Современото рударство, како и секоја друга индустрија, мора да биде под постојан надзор и контрола, но исто така не смее однапред да биде отфрлено без научна анализа и објективна проценка на придобивките и ризиците.
Македонија повеќе не може да си дозволи да губи време. Секој изгубен инвестициски циклус значи нови заминувања, нови затворени бизниси и нови празни училишта. Прашањето не е дали ќе има промени. Прашањето е дали тие промени ќе се случат овде или нашите млади ќе продолжат да ја бараат својата иднина во туѓи држави.
„И Здравје и Работа“ верува дека е можно да имаме и развој и заштита на животната средина. Но, за тоа се потребни храброст, визија и подготвеност конечно да гледаме кон иднината, наместо постојано да остануваме заробени во политички поделби и популизам.




