Утрински Весник
Свет

Хутите нападнаа танкер со нафта

Tanker 1.jpg

Јеменските Хути денеска со проектил нападнале танкер што превезувал сурова нафта во Индија во Црвеното Море, соопшти Стејт департментот.

Портпаролот на Стејт департментот рече дека тоа е „уште еден пример за нелегални напади врз меѓународниот транспорт, и покрај бројните меѓународни повици тие да запрат“.

Британската агенција за поморски трговски операции и компанија за поморска безбедност Амбри соопштија претходно денеска дека добиле извештаи дека танкер под панамско знаме бил погоден во близина на брегот на Јемен.

Според извештаите, на бродот дошло до експлозија, која наводно предизвикала мала штета, а никој од членовите на екипажот не е повреден.

Водачот на јеменските Хути, поддржани од Иран, Абдулмалик ал-Хути, во четвртокот изјави дека групата ќе продолжи да ги напаѓа бродовите во Црвеното Море во знак на солидарност со Палестинците се додека Израел продолжува да врши „злосторства“ против нив.

Хутите напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море од 19 ноември, како што велат, како одговор на израелските воени операции во Појасот Газа, што ги натера САД и Велика Британија да извршат одмазднички напади врз воени цели на Хутите во Јемен во минатиот месец.

Поради нападите на Хутите врз трговските бродови во Црвеното Море, американски и британски воени авиони вршат одмазднички напади низ Јемен.

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење