Утре со почеток од 12 часот, во КСП Центар Јадро ќе се одржи хуманитарен концерт за погодените семејства од катастрофалните земјотреси во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе во Турција и Сирија.
Од КСП Центар-Јадро велат дека како и сите останати граѓани во Македонија, со големо жалење ја примиле тажната вест.
„Нашата установа која е плод на колективна грижа и солидарност, чувствува обврска да даде поддршка на тие што се најпогодени од оваа природна катастрофа. Во ова тешко време, веруваме дека секој придонес во било каква форма е од огромно значење за двете земји“, велат организаторите на хуманитарниот настан.
Им изразуваме огромна благодарност на музичарите што несебично ја поддржаа оваа иницијатива.
На концерот ќе настапат повеќе музичари.
Хана Корнети
Хана Корнети е пејачка, писателка, читателка, гледачка, надежна вештица, повремена градинарка, и пропали левичар. Првото укулеле го добива како подарок после неколку-месечно кенкање и несуптилни алузии. Укулелето го сака бидејќи е релативно едноставен инструмент кој истовремено произведува убав, специфичен звук. Пред сѐ, укулелето е одлична придружба за тоа што Хана сака да го прави со својата музика – да раскажува приказни.
Музички проект Фортуна: Марија Каева – вокална солистка,
музичарка и текстописец, Владан Дробицки – трамбонист,
Дино Милосављевиќ – тапани
Марија Каева е вокална солистка, музичарка и текстописец, како и радио водител со петнаесет годишно искуство. Музичкиот проект Фортуна – зад кој што стои потпишана заедно со Владан Дробицки, создаваат вистински саундтрак на пролетта! Песните на Фортуна освен што можат да ви го разубават денот со мекиот вокал, радосните звуци и паметно режирана електроника – тие истовремено еманципираат за заматената зелена оска околу која би требало да се врти светот. Дробицки е тромбонист во оркестарот на Националната опера и балет и воедно многу добро познат на музичката џез сцена кој се занимава и со музичка продукција. На концертот ќе ги придружува тапанарот Дино Милосављевиќ.
Трио: Драган Теодосиев – тапани, Филип Букуршлиев –
електрична гитара, Јордан Костов – хармоника
Драган Теодосиев е активен тапанар на македонската сцена веќе две децении. Со музика се занимава од најрана возраст, а своето музичко образование го има стекнато во средното музичко училиште и на џез академијата во Штип. Активно работи со бендовите: Shock Troopers, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Cobalt Code Unit, Time Out, Sarah Mace, Miss Machiko’s Jazz Ensemble, Shikachi Ensemble, Invisible Fence Quartet, а соработува и со Јордан Костов, Тони Китановски, Сашо Поповски. Има настапувано низ цела Европа, а бил дел и од музичкиот состав на театарска група при организацијата Мадам Фортуна со седиште во Антверпен, Белгија и работел на повеќе интернационални проекти. Во минатото настапувал и снимал со познати македонски метал имиња како Aeon Arcanum, Mindfist и Victim Yield.
Гитаристот и композитор Филип Букршлиев добитник на наградата за најдобар млад џез музичар. Букршлиев е еден од најактивните и најплодни припадници на новата генерација македонски џезери, кој за краток период создаде богата дискографија. Тој се појави на домашната музичка сцена како фронтмен на „Фајтинг виндмилс“, а во последните години повеќе се фокусираше на џезот и импровизирањето. Како еден од најбараните македонски џез гитаристи, неговото име се појавува на 20-ина изданија во изминатите пет години
Јордан Костов дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот за хармоника. Неговата музика е под влијание на world music, класичните средновековни мајстори и длабоко се поврзува со музиката од Македонија. Имал настапи на бројни фестивали меѓу кои и Fusion Ethno Fest во Белград, Spancir fest во Вараждин, Културен центар Umblock во Солун, Sarajevo Jazz Festival, Џез-фестивал Кавадарци Охридско лето и многу други. Костов има изработено и музика за бројни театарски и филмски проекти во Азија, Европа и Јужна Америка. Повеќе за работата на Јордан Костов можете да најдете на неговата веб страница https://yordankostov.com/