Утрински Весник
Македонија

Хрватска запре нова пратка пиперки, означена со „сериозен ризик“

Img 5261.jpeg

Нова пратка со зеленчук од Македонија е запрена при обид за извоз во Хрватска, објави „Телма“. За само десет дена, до Европскиот систем за брзо предупредување за храна пристигнале уште две известувања од Хрватска за спорни пратки со лути пиперки од земјава, при што една од нив во системот на Европската комисија е означена како „сериозен ризик“.

Новите случаи повторно го отвораат прашањето за контролата и безбедноста на земјоделските производи од Македонија наменети за извоз.


Хрватска и претходно испрати известување преку европскиот систем за околу 50 тони овошје и зеленчук од Македонија. И тогаш меѓу спорните производи имало пиперки, но и пратки со сливи.

„Телма“ претходно објави и дека пратки со пиперки и трпезно грозје, вратени од Бугарија и Црна Гора поради утврдени пестициди над дозволеното ниво, подоцна завршиле на македонскиот пазар.

По нивното враќање, Агенцијата за храна и ветеринарство извршила проверки во домашни лаборатории. Анализите, според АХВ, покажале дека производите немале зголемено ниво на пестициди, по што било дозволено да бидат пуштени во промет во земјава или да се користат за преработка.

Од АХВ објаснуваат дека кај голем дел од препаратите, со изминување на одреден временски период, нивото на хемиските средства во земјоделските производи се намалува.

„Кај голем дел од препаратите, по изминување на временските рокови од момент на употреба до берба и транспорт, хемиските средства се разградуваат, односно паѓа нивното ниво под максимално дозволените концентрации, со што тие не се штетни по здравјето на луѓето. Во конкретните случаи, пратките по враќањето биле безбедни, што е потврдено со лабораториски анализи“, одговориле од АХВ за „Телма“.

Според неофицијалните информации на телевизијата, следната недела треба да се одржи состанок меѓу претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство.

На состанокот треба да се анализираат причините за зачестеното враќање и запирање на пратките со македонски земјоделски производи наменети за извоз и да се разгледаат можни решенија за проблемот.

Можете да прочитате

Платформата 12:05: Оставка на Филипче, вонреден Конгрес и внатрепартиски избори

Обид за деблокада на евроинтеграциите: Муцунски оди во Софија

Не запира големата акција во Прилеп: Претресена 37 локација, во банкарски сеф најдени над 50.000 евра