Во натпреварот од 1.коло од групата Б на Европското првенство во ракомет, репрезентацијата на Хрватска ја декласираше Шпанија со 39-29 (18-14) во Манхајм пред 13.293 гледачи.
Хрватска фантастично влезе во натпреварот. Избраниците на Горан Перковац водеа со 5-1, имаа и 11-6, а во 17. минута имаа голема разлика (12-6). На крајот од првото полувреме Хрватите малку паднаа, што го искористија европските вицешампиони кои на полувремето ја намалија разликата на 18-14.
Хрватска одлично го започна продолжението, која го отвори вториот дел со серија од 4-0 за 22-14. Во 35. минута, хрватските ракометари имаа девет гола вишок (24-15), а во 50. минута нереални 11 разлика (34-23).
Иван Мартиновиќ и Марио Шоштариќ со по осум гола ја предводеа Хрватска до победата, а Тин Лучин постигна пет гола. Алеис Гомез Абело со осум гола и Аугустин Марсело Касадо со четири гола беа најефикасни кај Шпанците.
Хрватска на 14 јануари во второто коло ќе се соочи со Австрија, додека во вториот меч ќе се сретнат Шпанија и Романија. Последното, трето коло е закажано за 16 јануари, а силите ќе ги одмерат Хрватска и Романија, како и Шпанија и Австрија.