
Резултатите од ПИСА-тестирањето треба да бидат аларм за институциите и повод за широка јавна дебата за состојбата во македонското образование, порача Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Ходаи оцени дека загрижува и тоа што интересот за слабите резултати на учениците згаснува само неколку дена по нивното објавување.
„Поразителни се за општеството резултатите од ПИСА. Исто така, многу е поразително што дискусиите за резултатите од ПИСА ни траат само една недела, кога ќе се објават резултатите. Сега се заборава, никој не зборува за тоа“, изјави Ходаи.
Тој предупреди дека слабостите во читањето со разбирање ќе имаат последици и надвор од училиштата. Посочи дека денешните 15-годишници наскоро ќе стекнат право на глас, а дел од нив ќе го продолжат образованието на факултет.
„Тоа се 74 проценти од 15-годишните деца кои не разбираат што читаат. Тоа е поразително. За три години ќе имаат право на глас, ќе гласаат на избори, ќе избираат претставници на народот, нивни претставници. За четири години ќе бидат студенти, академски граѓани“, нагласи Ходаи.
Според него, Министерството за образование и наука треба да ги вклучи сите релевантни чинители во јавна дискусија за причините за слабите резултати и за мерките со кои може да се подобри состојбата. Ходаи оцени дека станува збор за криза што бара континуирана работа од институциите и конкретни мерки во образовниот систем.


