
По повод Светскиот ден на здравјето, годинава под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, укажуваат на важноста државата да инвестира во здравствена превенција и квалитетна и достапна здравствена заштита како основа за достоинствен живот. Сепак, поради системските недостатоци, голем дел од жените, девојките и ранливите заедници остануваат без навремена и соодветна здравствена заштита.
Нашата земја не смее да дозволи генерации да растат без основна здравствена заштита. Инвестирањето во превенција – во гинеколошки и педијатриски прегледи, превенција и скрининзи, едукација и вакцинација – е најисплатливиот и најчовечкиот чекор што може да го преземе еден здравствен систем. Според Светската здравствена организација, секој долар вложен во превенција штеди до четири долари за лекување.[1] Тоа не само што спасува животи, туку гради поотпорно и поефикасно општество. Македонија мора конечно да ја препознае превенцијата како приоритет, а не како трошок. Светскиот ден на здравјето е потсетник, но акцијата мора да трае цела година – со посветеност, буџет и политичка волја.
Меѓутоа, и покрај намерата за унапредување на здравствените услуги, реалноста покажува сериозни пропусти:
- Буџетот за ХИВ превенција е намален за околу 70 % од 2021 до 2025 година – од 49 милиони на 12 милиони денари, иако земјата заостанува зад преземените глобални цели за ставање крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година;
- Од 2019 година па наваму, државата издвојува во просек само 10% од буџетот на Министерството за здравство за превентивни програми;
- Во 2023 година 13 % од жените на возраст 21–59 години биле опфатени со скрининг за рак на грлото на матката. Иако оваа бројка претставува зголемување во споредба со претходните години сепак е далеку од постигнување на потребниот опфат од 70 % за тригодишен период;
- Минимални 3,5 % од жените на возраст 40–69 години биле опфатени со скрининг на рак на дојката во 2023 година;
- Во земјата има само околу 160 матични гинеколози, при тоа во 40 општини нема ниту еден гинеколог, и поради тоа голем број на девојки и жени, особено оние кои живеат во рурални средини намаат пристап до основна гинеколошка заштита;
- Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години, а нашата земја има една од најниските стапки на употреба на современа контрацепција во Европа, што изнесува само 14 %;
- Само 110 педијатри работат на примарно ниво, а стапката на вакцинација продолжува да опаѓа. Притоа, опфатот со ХПВ вакцината, која е исклучително важна за здравјето на девојките и жените, изнесува само 56 %;
- Дури 46 % од бремените жени во рурални средини не направиле преглед во првото тромесечје од бременоста;
- 53 % од жените Ромки имале помалку од осум прегледи за време на бременоста, иако според националните протоколи секоја жена за време на бременоста треба да има најмалку осум здравствени прегледи;
- Дополнително, Министерството за здравство ги укина едукативните активности за промоција на вакцинацијата и поддршка на патронажната служба во рамки на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата – чекори што директно го загрозуваат здравјето на мајките и децата.
- Затоа, по повод Светскиот ден на здравјето, ХЕРА, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, ЕСЕ и Иницијативата за правата на жени од Шуто Оризари ги упатуваат своите јасни барања до институциите:
- Да обезбедат достапна гинеколошка и педијатриска заштита на целата територија;
- Да ја зајакнат патронажната служба и тимовите за предучилишна и училишна здравствена заштита;
- Да ги вратат и унапредат здравствената едукација, поддршката за доење и кампањите за вакцинација;
- Да го зголемат буџетот за превентивни програми, особено за мајки, деца и скрининг програми за ХИВ превенција и сексуално и репродуктивно здравје;
- Да осигураат здравствените политики да се креираат врз основа на медицина базирана на докази и обезбедат широк консултациски процес којшто ќе ги вклучи стручната јавност, граѓанските организации и засегнатите заедници за да се одговори на потребите на граѓаните.
- Податоци се добиени од заедничката анализа Унапредување на превентивната здравствена заштита за ранливите групи, која вклучува наоди и препораки од мониторингот на четири здравствено-превентивни програми на Министерство за здравство, изработена од четирите здруженија, во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на жените, девојките и ранливите групи“ кој е финансиски поддржан од Швајцарската влада, преку програмата ЦИВИКА Мобилитас.
[1]WHO (2021). “Saving lives, spending less: the case for investing in noncommunicable diseases.”
Достапно на: https://www.who.int/news/item/13-12-2021-investing-1-dollar-per-person-per-year-could-save-7-million-lives-in-low-and-lower-middle-income-countries