
Официјален претставник на исламистичкото движење Хамас ја опиша најавата на Емануел Макрон за можното признавање на палестинската држава во јуни како „важен чекор“ што би претставувал напредок кон палестинските права.
„Франција, како земја со политичка тежина и како постојана членка на Советот за безбедност, е способна да води во насока на праведни решенија и да се стави крај на окупацијата и да се реализираат аспирациите на палестинскиот народ“, рече Махмуд Мардави.
Макрон во средата во интервју за телевизијата Франс 5 рече дека Париз може да ја признае палестинската држава во јуни, но дека за возврат некои земји од Блискиот Исток би можеле да го признаат Израел.
„Мораме да се придвижиме кон признавање (на палестинска држава). И во текот на следните неколку месеци ќе го направиме тоа. Не го правам тоа за никого да му угодам. Ќе го сторам тоа бидејќи во одреден момент ќе биде фер“, рече тој.
Макрон организира конференција за решението за две држави со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во јуни, а тој собир, според дипломатски извори, може да биде „поволниот момент“ што Франција го чека за на крајот да ја признае палестинската држава. Тој, сепак, очекува Израел да биде признаен од некои држави од Блискиот Исток.
Израел го осуди признавањето на „фиктивната палестинска држава“
„Едностраното признавање на фиктивна палестинска држава, од која било земја, во реалноста што сите знаеме што е тоа, само ќе го награди тероризмот и ќе му даде поттик на Хамас“, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар.
Според неговите зборови, „тоа нема да донесе мир, безбедност и стабилност во нашиот регион, туку сосема спротивно: уште повеќе ќе не оддалечи од сето тоа“.
Повиците за решение за две држави се интензивираа по новата војна во Газа, која започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.