Утрински Весник
Економија

Гувернерот Славески: Штедењето е системска неопходност за одржлив раст и стабилност

Obrakane na guvernerot po povod den na shtedene.jpg

„Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност”, порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.

Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем. „Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат”, истакна Славески.

Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.

Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.

„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност”, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

Можете да прочитате

Шпанија го засилува истражувањето на бакарот, Македонија сè уште не го користи потенцијалот од Иловица

Рудник САСА го одбележува Денот на рударите со награди за вработените и нови инвестиции во безбедно и одржливо производство

„И здравје и работа“: Да градиме рударство што создава работа, развој и сигурна иднина