
Гувернерот на украинската област Суми, Володимир Артјух, потврди дека во градот имало собир на воен персонал за време на рускиот ракетен напад, но рече дека тоа не било на негова иницијатива, јави ДПА.
Володимир Артјух синоќа за информативната веб-страница „Суспилне“ изјави дека бил поканет на собирот. Тој не откри кој ја иницирал средбата, истакнувајќи: „Тоа е друга тема“.
По ракетниот напад во неделата, властите соопштија дека бројот на загинати се искачи на 35, а уште околу 120 лица беа повредени.
Градоначалникот на регионалниот град и еден украински пратеник го критикуваа собирот на воен персонал во конференциската сала во централниот дел на градот Суми, кој се наоѓа во близина на руската граница, бидејќи, според нивните зборови, претставува потенцијална цел за руски напади и загрозени цивили.
Русија тврди дека ракетниот напад бил насочен кон состанок на непријателските команданти.
Министерството за одбрана во Москва ја потврди украинската информација за двоен напад со две балистички ракети Искандер-М.
Фотографиите од Суми покажуваат сериозно уништување во универзитетската област.
Во меѓувреме, најмалку четири лица загинаа во руско гранатирање во областа Харков, соопштија локалните власти.
Шефот на регионалната воена администрација, Олег Синегубов, изјави дека еден маж и една жена биле убиени од руската артилерија во градот Купјанск. Линијата на фронтот се наоѓа на околу шест километри североисточно од градот.
Синегубов, исто така, рече дека гранати од руски повеќекратни ракетни системи убиле жена и маж во селото Шевченково, западно од Купјанск.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија има намера да се пожали на Вашингтон за наводните прекршувања од Украина на забраната за реципрочни напади врз енергетските капацитети.
Утре истекува 30-дневниот мораториум на таквите напади. Украина очигледно ја прекршува мерката, изјави Песков, цитиран од руските медиуми.
„Секако, треба да ги анализирате овие 30 дена, да разменувате информации и размислувања со Американците“, рече Песков. Рускиот претседател потоа ќе треба да одлучи дали Москва ќе продолжи да се придржува до делумниот прекин на огнот и по тој ден, додаде тој.