Утрински Весник
Економија

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишното генерално собрание на БИС

Bis.jpg

Во рамките на Годишното собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска присуствуваше на средбата на жените гувернери и заменици на гувернери на која се сретна со гувернерката на централната банка на Норвешка и заменик-гувернерките на Канада, Финска и Турција. На средбата беше истакнато дека иако минатата година инфлацијата бележеше надолен тренд, а финансиската стабилност беше задржана, и натаму е потребна внимателност. 

Исто така, таа заедно со вицегувернерката Ана Митреска, разговараше и со гувернерот на централната банка на Италија, во врска со напредокот во пристапувањето кон СЕПА, но и за можноста за приклучување кон платежниот систем ТИПС на Европската централна банка, што може да обезбеди бројни придобивки во платежната сфера за нашите граѓани и компаниите. 

На Собранието на БИС беа разгледани и усвоени најновиот Годишен извештај за работата на БИС и Годишниот економски извештај. Во Извештајот се нагласува дека политиките на централните банки ги ублажија последиците од кризите и овозможија задржување на стабилноста во економиите. Како приоритет на краток рок се нагласува потребата од задржување на ценовната стабилност, како и внимателноста при олабавувањето на монетарната политика. На долг рок, потребни се политики коишто ќе обезбедат финансиска и макроекономска стабилност, како и јакнење на фискалните позиции. Во рамките на структурните реформи за јакнење на економскиот потенцијал, се истакнува важноста од иновациите во дигиталната сфера во финансискиот систем.

Во рамките на Годишното собрание беа и панел-дискусиите каде што беа обработувани актуелните теми и предизвици со кои се соочува централнобанкарската заедница. Така, на Конференцијата се зборуваше за геополитичките движења и нивниот одраз врз макроекономијата, како и за нивното влијание врз инфлациските притисоци и монетарната политика. Исто така, беа разгледани и можностите и ризиците коишто ги носи дигиталната трансформација и употребата на вештачката интелигенција во работењето на  централните банки, како и важноста од инвестициите во зелени финансии.

Средбите во рамките на Годишното собрание на БИС се од исклучително значење за справувањето со тековните предизвици, но и за подготовка за идните трендови во монетарната сфера, имајќи ја предвид улогата на БИС како банка на централните банки, како и улогата на меѓународната соработка за поддршка на монетарната и финансиската стабилност. Во тој контекст, гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Митреска остварија и бројни билатерални средби со повеќе свои колеги од централните банки членки на БИС.

Народната банка е полноправна членка на БИС со уште шеесет и две централни банки и монетарни власти од светот, коишто учествуваат и имаат право на глас на Генералното собрание.

Можете да прочитате

Управата за јавни приходи од денеска до 25 јули очекува 40.509 пријави за ДДВ

АСО: Граѓани наплатија над седум милиони евра од осигурување живот за пет месеци

Средба Народна банка − СЗПМ: Платежната сметка со основни функции погодна зa пензионерите