
Соопштение за јавност на ГРОМ:
Во изминативе 34 години, живееме во општество во кое главните политички партии буквално не окупираат со површни, популистички, дневни политики „купи ден – продај“ од најнизок тип. Таков еклатантен пример е предлогот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за носење на закон со кој се забранува пратеник да има двојно државјанство.
Секоја политика, секое законско решение, мора да произлегува од сериозна анализа, и да е резултат од потреба на граѓаните и државата како и компаративни анализи на слични решенија во други држави, а особено на земјите членки на ЕУ. Овој популистички закон е само реактивен однос на ВМРО-ДПМНЕ по прозивките на СДСМ за наводни двојни државјанства во редовите на владеачката партија. Политиките и законите не смеат да бидат резултат по принципот „а така вие нам, епа сега ќе видите ние што ќе направиме“. Политиката не е детска игра, таа е сериозна работа, а ова што го демонстрираат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е однос на недозреани деца залутани во политичките води на јадната ни Македонија.
Ако веќе се носи таков закон, мора да се размисли дали и министер, негов заменик, државен советник, државен секретар, па ако сакате и до кое ниво во јавната и државата администрација ќе може да се вработува лице со двојно државјанство? Евентуално законот мора да ги опфати и безбедносните структури на државата: МВР, МО, АНБ, АР.
Јавно ги прашуваме: како е можно министер со двојно државјанство да присуствува на затворени седници на Влада, да чита строго доверливи материјали, да му е достапна државна тајна, дури да присуствува на седници на Совет за безбедност? Како е можно со законот да не бидат опфатени лица присутни во актуелната влада кои се резиденти на други држави, а во тие држави остваруваат економски интереси? Да потсетиме, актуелни двајца министри, имаат потврдено дека
имаат двојно државјанство, за тројца се шпекулира, а истите ги лиферуваа добро упатени бугарски кругови.
Затоа, ГРОМ ја замолува владејачката ВМРО-ДПМНЕ да има сериозен пристап при водење на државните работи, да не се однесуваат како налутени дечиња кои си ја земаат топката и ја растураат играта и да не ги третираат измените, дополнувањата и новите закони како дел од ефтина популистичка пи-ар политика, туку да покажат минимална доза на сериозност како што доликува на луѓе кои се начело на една држава и кои наводно добиле висока доверба од
граѓаните.


