Утрински Весник
Македонија

Грковска: Секој што ја бара довербата на граѓаните на избори, треба да дејствува согласно законите и етичките правила

19022024 Grkovska Intervju 2 Scaled.jpg

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во интервју за утринската програма на Слободен печат, се осврна на отвореното писмо кое таа го упати по повод распишувањето на изборите, како потсетник за законските и етичките обврски, кои ги имаат сите учесници во овој процес.

„Секои избори претставуваат тест за демократската зрелост на едно општество. Изборите треба да бидат празник на демократијата, каде што граѓаните во суштина треба да ја покажат својата моќ на одлучување и да го одберат оној кој сметаат кој со својата програма најдобро ќе ги застапува интересите на нашата државата. Обврска е на сите политички чинители, без да се служат со дезинформации и со лажни вести, да го претстават она за кое ќе се залагаат доколку ја добијат довербата”, истакна Грковска и дополни дека политичките превирања се нормална појава во секоја демократија, сѐ додека се во рамки на нормална политичка дебата и аргументација и без насилство.

Осврнувајќи се на активностите поврзани со јакнењето на интегритетот и одговорноста на носителите на функции, вицепремиерката Грковска посочи дека како одговорна за Етичкиот кодекс во Владата, таа организираше низа обуки за избраните и именуваните функционери, со поддршка на УСАИД. Грковска додаде дека во насока на воспоставување долгорочни и одржливи решенија на ова поле, веќе е формиран тим на обучувачи, кои се вработени во Генералниот секретаријат на Владата, Канцеларијата на премиерот и Кабинетот за политики за добро владеење, а со цел да се направи систем кој и понатаму ќе држи фокус на важноста на овие обуки.

Во однос на изречените опомени за прекршување на Етичкиот кодекс, вицепремиерката Грковска истакна дека тие се изрекуваат неселективно и исклучиво врз основа на аргументи, и истакна дека притисокот на јавноста и на медиумите, придонесува за зголемување на свеста за улогата која функционерите ја имаат – да бидат рол модели за општеството за тоа како некој треба да си ја врши својата работа, со интегритет, професионалност, одговорност и за доброто на сите граѓани.

Можете да прочитате

Во полиција задржани тројца кавадарчани, едниот бил агресивен и се заканувал кон полицајци, двајца спречувале преземање на службени дејства

Гужви на граничните премини „Богородица“ и „Табановце“

Граѓаните за новото задолжување на Владата: Касата празна, животот мизерен, мора да се задолжуваме за да живееме (ВИДЕО)