Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, учествуваше на конференцијата „Жените и дигитализацијата – надминување на бариерите, отворање можности за унапредување на родовата еднаквост“, во организација на агенциите на Обединетите нации – UN Women и UNDP во Македонија.
Таа се осврна на родовата еднаквост како синоним на демократијата, правото на избор, слободата, определувањето и вклученоста на жените во општествените процеси.
Грковска пред присутните зборуваше за улогата на жените, која е неопходно да стане поенергична и одлучувачка со целосно почитување на човековите права и со искористување на потенцијалот, знаењето и искуството.
„Дигитализацијата мора да биде процес што носи напредок на сите полиња. И тоа е една од причините поради која од септември минатата година го предводам Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, чија основна цел е планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите, како и ефикасно справување со предизвиците што ги носи“, рече Грковска.
„Важно е што во пресрет на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, зборуваме за нешта што содржат реални и остварливи, позитивни перспективи за жените. Очекувам дека набргу насилството, прекршувањата на правата, стигмата и предрасудите кон жените ќе станат теми од минатото, а иднината ќе ја планираат и градат заедно и рамноправно и жените и мажите“, беше пораката на Грковска.